Фото: Принтскрин/Јутуб

Двајцата уапсени во врска со убиството на двегодишната Данка Илиќ се сомничат дека со автомобил го удриле девојчето, а потоа нејзиното тело го сокриле во дива депонија кај Бор, известија РТС и Н1, повикувајќи се на информации од телевизијата АТВ од Бања Лука.

Според првичните сознанија, криминалистичата полиција привела двајца 50-годишни работници на јавното комунално претпријатие „Водовод“ од Бор. По апсењето одреден им е притвор до 48 часа. Истрагата укажува дека убиството се случило неколку минути откако мајката го пријавила исчезнувањето на девојчето.

Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно соопшти дека се приведени двајца осомничени што го признале убиството на Данка Илиќ. Допрва се очекуваат дополнителни информации од српската полиција, која во меѓувреме потврди дека приведените го признале убиството.

Двегодишното девојче исчезна на 26 март околу 13.45 часот во Бањско поле кај Бор. Поради нејзиното исчезнување, за првпат во Србија е активиран системот „Најди ме“.