Фото: Веб-страница на МВР на Србија

Потрагата по телото на убиеното двегодишно дете Данка Илиќ од Бор продолжува и денеска, а на двајцата осомничени за убиството одреден им е притвор до 30 дена за делото Тешко убиство во соизвршителство. Утринава се упасени уште две лица поврзани со злосторството, јави дописникот на МИА од Белград.

Братот и таткото на педесетгодишниот Д.Д., еден од осомничените за убиството на двегодишната Данка Илиќ од Бор, се уапсени под сомнение дека му помогнале да го скрие телото на девојчето. Ним им е одреден притвор до 48 часа.

Синоќа Вишото јавно обвинителство во Заечар соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка против осомничените Ј. С. и Д. Д., поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело тешко убиство во соизвршителство.

Се наведува дека осомничените биле сослушани во обвинителството, дека во таа прилика Д. Д. во целост го признал извршувањето на делото, додека Ј.С. се бранел со молчење.

На барање на обвинителството, судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Зајечар на осомничените им одреди мерка притвор до 30 дена, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и уништување или отстранување на трагите на извршување на кривичното дело, како и поради вознемиреност на јавноста.

– За натамошниот тек на постапката ќе бидат сослушани сведоци и ќе се изврши потребното вештачење – се наведува во соопштението.

Тие се осомничени дека со автомобил го удриле девојчето, а потоа се договориле да го фрлат телото на детето.

Уапсените го признале делото и изјавиле дека телото е на депонија.

Според министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, има сознанија дека еден од осомничените го префрлил телото на друга локација.

За телото на девојчето вчера се трагаше на местата од каде потекнуваат осомничените, како и на депонијата на стариот пат за Бањско. Пребарана е и фармата на дедото на еден од осомничените.

Борчани спонтано се собираат на градскиот плоштад кај Домот на културата, палат свеќи и оставаат цвеќе.

Началникот на Управата за криминалистичка полиција Нинослав Цмолиќ изјави дека денеска повторно ќе се пребаруваат повеќе локации за да се најде телото на двегодишното дете и дека нема да застанат додека не успеат, јави дописникот на МИА од Белград.

– Повторно ќе ги пребараме нивните куќи и околината, септички јами, гробишта. Осомничените ја признаа вината и детално ги опишаа своите улоги, но главниот осомничен не кажува каде го скрил телото, наведувајќи дека не се сеќава и нема да зборува – изјави Цмолиќ за ТВ Прва, додавајќи дека признанијата на осомничените за тоа што се случи, а кои се сослушани одделно, целосно се поклопуваат.

Осомничените за убиството на детето во околината на Бор вчера биле сослушани, појасни Цмолиќ, но не изнеле нови информации, туку го повториле она што веќе го кажаа претходно, дека со автомобилот ја удриле малата Данка, застанале кај депонија, го оставиле нејзиното тело, подоцна дошол сопатникот и го пренел телото на друго место.

– Нивните изјави се дека го удриле детето, дека сопатникот излегол од возилото, го подигнал детето од подот, го ставил во задниот дел од автомобилот и по неколку метри повторно застанале бидејќи девојчето наводно се разбудило, излегол од автомобилот, го отворил задниот дел и го задушил. Тоа се нивните изјави. Потоа отишле на депонија, го изнеле телото и го оставиле таму – изјави Цмолиќ.

– Двајцата разговарале за тоа по неколку дена, возачот го прашал каде е телото, но вториот му рекол „тоа е моја грижа, направив што требаше“ – рече Цмолиќ, објаснувајќи дека дури и возачот не знае каде е тоа место.

Цмолиќ кажа дека двајцата осомничени многу брзо имале полиграфско тестирање, но дека биле под дејство на алкохол поради што имале задоцнети реакции, па не можеле веднаш да бидат приведени, бидејќи немало доволно други индиции.

Откриени се, објаснил Цмолиќ, бидејќи автомобилот што го возеле, со уште една кола, бил единствениот што се задржал на местото каде што малата Данка е удрена со автомобил, а тоа се случило многу брзо откако детето се одалечило од мајката.