Фото: Принтскрин

Момчето кое е осомничено дека застрела осум свои соученици и припадник на обезбедувањето на училишптето „Владимир Рибникар“, во белградската населба Врачар, полицијата го идентификуваше како Коста Кецмановиќ.

На прес-конференцијата, на која Веселин Милиќ, началник на полициската управа за Град Белград, го соопшти името на момчето, информираше дека напаѓачот имал список на жртви, скица како ќе се движи низ училиштето и дека убиствата ги планирал еден месец, јави Макфакс, повикувајќи се на српските медиуми.

– Момчето кое го изврши масакрот во училиштето повикало полиција во 8:42 часот и кажало дека ги убило учениците од своето училиште – изјави Милиќ, покажувајќи го списокот со имиња на Кецмановиќ.

Според белградската полиција, ранети се шест деца и еден наставник, кои се згрижени во Ургентниот центар и Тиршова.

По предавањето на Коста, уапсен беше и неговиот татко, чие било оружјето со кое се извршени убиствата, а, според српските медиуми, полицијата во моментов го претресува станот на семејството на напаѓачот.

Белградските медиуми, кои се пред зградата во која се врши претресот, пренесуваат изјави на соседите, според кои, таткото на Коста бил познат доктор, а Коста имал и помлада сестра.

– Често ги гледав, тој е познат доктор. Имаат и помала ќерка. Момчето секогаш беше културно и фино, но секогаш повлечено – изјавил еден работник кој во последно време работел во близина на зградата.

Еден од соседите на новинарите им рекол дека Коста бил мирен и повлечен и дека „кога одговарал, само ја спуштал главата и трепнувал“.

– Да ви кажам искрено, толку многу пати сум била кај нив. Бевме таму еден за друг, без разлика на сè. Но, не знаев дека има пиштоли, тоа мора да се обезбеди – раскажува сосетка на семејството Кецмановиќ за српските медиуми кои ги цитира Макфакс.

Таа додава дека Коста „често менувал училишта“, но дека не знае зошто.