Фото: ЕПА

Неконзистентност на надворешната политика на Софија: Бугарија не сака членство во милитантната европска Коалиција на подготвените, а обезбедува широка логистика за САД во војната со Иран

  • Ако дипломатијата е навистина принцип, тогаш таа би требало да важи еднакво и за Украина и за Блискиот Исток. Доколку продолжувањето на воената поддршка ја оддалечува Европа од мирот, тогаш истото прашање логично се поставува и за логистичката поддршка на американските операции против Иран и неговите регионални сојузници. Токму тука се отвора просторот за сомнеж дека зад декларативната политика на Радев и новата влада на Бугарија не стои универзален принцип, туку селективна примена на различни критериуми со лукративна заднина

Во политиката ретко постои поголем тест за кредибилитетот од моментот кога истата власт треба да примени идентични принципи врз различни кризи. Токму таков тест деновиве ја очекува Бугарија. Од една страна, владата најавува дека ќе побара парламентарно одобрување за стационирање до осум американски авиони цистерни во воената база Безмер, со јасно образложение дека тие ќе ги поддржуваат американските операции на Блискиот Исток. Од друга страна, само неколку дена претходно официјална Софија порача дека нема да биде дел од таканаречената Коалиција на подготвените за Украина, бидејќи, според претседателот Румен Радев, Бугарија треба да ѝ даде предност на дипломатијата, а не на продолжувањето на воената логика. Овие два антипода во надворешната политика на Бугарија отвораат едно исто прашање: Дали бугарската надворешна политика се води од принципи или од моментални политички калкулации?

Кога Вашингтон бара – Софија отвора врата

Одлуката американските авиони цистерни да бидат префрлени од цивилниот аеродром во Софија во воената база Безмер формално се претставува како институционално исправање на претходната грешка. Владата сега бара парламентарен легитимитет, а Радев објаснува дека проблемот не бил американското воено присуство, туку неговата локација – цивилен наместо воен аеродром. Тоа, сепак, не ја менува суштината. Бугарија останува логистичка платформа за американските операции во време кога Блискиот Исток повторно влегува во опасна фаза на ескалација. Авионите KC-135 и KC-46 не се борбени авиони, но без нив современите воздушни операции речиси се невозможни. Тие се продолжената рака на секоја долготрајна воздушна кампања. Со други зборови, Софија не испраќа борбени единици, но испраќа нешто што е речиси еднакво важно – инфраструктура без која американската проекција на сила би била значително потешка. Политички, тоа е јасен сигнал дека кога станува збор за американските интереси на Блискиот Исток, Бугарија не покажува резервираност. Напротив, таа активно излегува во пресрет на барањата на својот најмоќен НАТО-сојузник.

Две мерила за една иста политика

Само десетина дена претходно Радев зборуваше со сосема поинаков речник. Бугарија, рече тој, нема место во Коалицијата на подготвените затоа што таквата иницијатива подразбира продолжување на воената поддршка за Украина. Наместо тоа, официјална Софија, според неговите зборови, треба да вложува во дипломатски напори за мир. Тоа беше претставено како принципиелен став. Како обид Бугарија да не стане дел од логиката на продолжување на војната. Но ако дипломатијата е навистина принцип, тогаш таа би требало да важи еднакво и за Украина и за Блискиот Исток. Доколку продолжувањето на воената поддршка ја оддалечува Европа од мирот, тогаш истото прашање логично се поставува и за логистичката поддршка на американските операции против Иран и неговите регионални сојузници. Токму тука се отвора просторот за сомнеж дека зад декларативната политика не стои универзален принцип, туку селективна примена на различни критериуми.
Во надворешната политика постои старо правило: кредибилитетот не се гради со зборови, туку со конзистентност. Ако во Украина најважна е дипломатијата, тогаш зошто логистичката поддршка за американската воена стратегија на Блискиот Исток не се смета за спротивност на истата таа дипломатија? Ако, пак, членството во НАТО подразбира обврска за поддршка на сојузниците, тогаш зошто истиот аргумент не важи кога станува збор за европските иницијативи поврзани со Украина? Овие две позиции тешко можат да се вклопат во една единствена стратешка доктрина.

Политика на принципи или на интерес?

Можно е одговорот да лежи во домашната политика. Радев со години гради внимателен баланс меѓу проевропската институционална ориентација на Бугарија и значителниот дел од бугарското јавно мислење, кое останува скептично кон продлабочување на конфликтот со Русија. Во таков контекст, дистанцирањето од воените иницијативи за Украина носи домашни политички поени. Истовремено, директното спротивставување на Вашингтон околу американското воено присуство во Бугарија би било многу поскапо – и дипломатски, и безбедносно, и во рамките на НАТО. Оттука произлегува впечатокот дека Софија не води единствена надворешнополитичка линија, туку две паралелни политики. Едната е наменета за домашната публика, другата за стратешките сојузници.

Мирот како селективен аргумент

Најголемата дилема не е дали Бугарија треба да им помогне на Соединетите Американски Држави. Како членка на НАТО, тоа е легитимна политичка одлука. Прашањето е друго: дали истите аргументи се применуваат во сите кризи или се менуваат зависно од тоа кој е сојузникот, кој е противникот и каков е дневнополитичкиот интерес? Ако дипломатијата е најдобриот пат за Украина, тогаш тешко е да се објасни како логистичката поддршка за американските воздушни операции претставува дипломатски придонес за решавање на американско-иранската конфронтација. Доколку, пак, официјална Софија смета дека безбедносните обврски кон НАТО имаат предност пред дипломатските декларации, тогаш истата логика би морала доследно да важи и во европскиот контекст. Во спротивно, бугарската надворешна политика ризикува да остави впечаток дека не е изградена врз принципи, туку врз ад хок пресметки – каде што мирот станува аргумент само таму каде што политички најмногу одговара. Р.С.


Техеран директно ја предупреди Софија

Иран упати директно предупредување до Бугарија поради плановите за привремено распоредување американски авиони за воздушно дополнување гориво во бугарската воена база Безмер. Техеран јасно порача дека „Софија не смее да дозволи нејзината територија да биде искористена за евентуални операции против Иран“, оценувајќи дека „секоја поддршка на американски напади би ја направила Бугарија соучесник“ во „агресија и воени злосторства“, како што се вели во предупредувањето на Иран до Бугарија. Бугарските власти и САД тврдат дека распоредувањето има „одбранбен карактер“ и не е поврзано со операции на Блискиот Исток.
Ова не е прво вакво предупредување од Техеран – уште во април Иран испрати дипломатска нота до Софија со исто барање. Р.С.


Политиките на двоен колосек на Софија и во бугарско-македонските односи

  • Ако бугарската надворешна политика остава впечаток дека често се движи меѓу принципите и политикантскиот прагматизам, тогаш токму односите со Македонија се можеби најилустративниот пример за таквиот двоен колосек

Официјална Софија во европските институции декларативно настапува како поборник на владеењето на правото, демократските стандарди и европската солидарност. Но во примерот со ЕУ и Америка, од претходниот текст, очигледно дека не е така. Политиките на двоен колосек на официјална Софија уште повеќе се препознаваат кога станува збор за Македонија. Бугарија речиси две децении развива сосема поинаква политика – во која билатералните историски и идентитетски спорови се претвораат во инструмент за блокирање на европскиот интегративен процес.

Политика на условување

Договорите за добрососедство по дефиницијата треба да отвораат ново поглавје во односите меѓу двете држави. Наместо тоа, Софија поставуваше сè пошироки политички барања, проширувајќи ги од историски прашања кон теми што задираат во националниот македонски идентитет, во македонскиот јазик и колективната историска меморија на Македонците. Така, европската интеграција постепено престана да биде процес заснован врз исполнување на европските критериуми, а сè повеќе почна да зависи од прифаќање на бугарските политички интерпретации за историјата и идентитетот. Во своите настапи, Бугарија често нагласува дека само бара почитување на договорите и добрососедските односи. Но експертите по меѓународно право укажуваат дека со внесувањето на билатералните прашања во европската преговарачка рамка се создава преседан: теми што не се дел од Копенхашките критериуми стануваат фактички услов за напредок кон членство. Оттука произлегува впечатокот дека европските механизми не се користат само за заштита на заедничките правила туку и како средство за остварување хегемонистички политички цели на некои од членките на ЕУ.

Принципи наспроти политикантска калкулација

Во односите со Македонија, Софија формално се повикува на европските вредности, а истовремено инсистира на позиции што Скопје ги доживува како навлегување во прашања на националниот идентитет и историскиот наратив. Оваа противречност ја ослабува убедливоста на бугарската аргументација и остава простор за сомнеж. И политиката кон Украина, и политиките на Софија кон САД и Иран, вклучително и надворешната политика на Софија кон Македонија, не се водат исклучиво од принципи, туку и од дневнополитички интереси, внатрешни пресметки и долгорочни политичко-лукративни агенди. Токму затоа впечатокот е дека Бугарија води надворешна политика на два колосека. И токму тука се дијагностицира најголемиот парадокс. Држава што од Брисел бара доследно почитување на европските принципи, истовремено се соочува со критики дека во односите со Македонија применува политика што се оценува како селективна и неконзистентна. Тоа остава впечаток дека, и во овој случај, бугарската надворешна политика не е изградена врз универзални принципи, туку врз ад хок политички пресметки, чија цена ја плаќа европската иднина на Македонија.
Современата Европа е изградена врз идејата дека народите имаат право самите да ги определуваат својот идентитет, јазик и културна припадност. Тоа е темел на современиот меѓународен поредок и на системот на човекови права. Токму затоа, кога држава членка на Европската Унија поставува барања што навлегуваат во прашањата на националната самоидентификација, се отвора суштинска дилема: дали универзалните важечки принципи, стандарди и критериуми се применуваат еднакво кон сите кандидати или нивната примена зависи од политичката тежина на земјите членки? Р.С.