Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, зборувајќи за „безизлезната ситуација околу Косово“, потсети на зборовите на српскиот генерал и херој од Првата светска војна, Живојин Мишиќ, за време на битката кај Колубара.
– За време на битката кај Колубара, кај Живојин Мишиќ дошол курир и му рекол: „Лоши вести, опкружени сме од сите страни“, а Мишиќ одговорил: „Тоа е добра вест, сега не можеме да промашиме“ – потсети претседателот Вучиќ

Каква е улогата на меѓународното право и на меѓународните институции во решавањето на косовското прашање

„Нема предавање, остануваат регистарските таблички со КС. Истото им го повторив и на Србите од Косово и Метохија – да не провоцираат никого, да не наседнуваат на провокации, сѐ што прават да биде во согласност со меѓународните правни акти, на мирен и демократски начин. Се договоривме да направиме сѐ што е во наша моќ за да ги зачуваме мирот и стабилноста, да направиме сѐ што е можно за да ја деескалираме ситуацијата, но дека ќе застанеме покрај нашиот српски народ доколку биде нападнат. Нема да дозволиме прогон и убивање на нашиот народ. Нема да има повторување на 2004 или слични акции“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со овие зборови им се обрати на медиумите по итните средби со претставници на Српската листа и седницата на Советот за национална безбедност, кои беа свикани во пресрет на приштинскиот ултиматум за промена на регистарските таблички на автомобилите на Србите на Косово.
Тој на почетокот кажа дека слушнал сè што утрината на состанокот му кажале претставниците на Србите на Косово. Досега 17 лица ги пререгистрирале своите возила на приштински таблички, она што од нив го бара владата на Албин Курти.
– Таков меѓународен акт не постои, но кому му е грижа – кажа Вучиќ, читајќи ја секоја точка од договорот потпишан меѓу Белград и Приштина. Косовската влада се заканува дека ќе продолжи со таа акција, „што ги загрозува мирот и функционирањето на Србите на Косово“, додаде тој.
Српскиот претседател објасни дека во договорот од 2011 г. е наведено дека КС-табличките се статусно неутрални, но дека Приштина тоа сега го негира.

– Цело време на тоа инсистираме, ние инсистираме на КС-таблички, а тие велат дека нема повеќе КС-таблички бидејќи ги укинале – кажа тој и додаде дека Приштина бара РКС-таблички, што е неприфатливо бидејќи не е статусно неутрално затоа што РКС значи Република Косово.
Она на што најмногу забележува српската страна е фактот дека Курти одбива да го одложи за десет месеци рокот од 31 октомври, даден за спроведување на оваа одлука, која од него ја побарале и земјите од Квинтата (САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија) и ЕУ.
– Ние пред неколку дена добивме демарш, во кој ставовите на САД и земјите од ЕУ се усогласени. Во точката два во него се вели дека треба да разбереме дека косовската акција во врска со табличките е легитимна и дека проблемот е во времето и методите. Тоа не е точно, станува збор за ноторни лаги, бидејќи тие немаат право на тоа според ниеден договор и тоа им го пренесов на претставниците на Западот – кажа Вучиќ.
Позицијата на Србија е таква што нејзиниот простор е „ограничен во микрони“, рече тој и додаде дека му биле претставени последиците од политиката што ја води.

– Намерно нè напикаа во аголот со својата сила, а не со силата на аргументите или на правото. Не ни дадоа шанса нешто да прифатиме, буквално никаква. Приштина никогаш нема да донесе ништо од корист на косовските Срби, а земјите од Квинтата никогаш нема да направат ништо против интересите на Приштина. Колку помала и послаба Србија, толку посилна косовската држава – тоа се нивните национални интереси – рече Вучиќ.
Тој се осврна на француско-германскиот предлог за решавање на косовското прашање, со порака дека Белград е подготвен за разговори, но дека во документот има работи што не може да ги прифати:
– Во планот, меѓу другото, се наведува: „страните се свесни дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет се основни услови за мир“, како и „дека двете страни ќе се водат од целите и принципите претставени во Повелбата на ОН, особено оние што се однесуваат на суверена еднаквост на сите држави за почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет“. И тогаш со право се прашувате дали некој се зафркава со нас. Бараат да ги газиме повелбите на ОН за да го почитуваат она што не го почитувале во нашиот случај, во спротивно ќе добиеме „жесток ќотек“ – додаде Вучиќ.


Србите лути на Фон дер Лејен

Српските медиуми известуваат за посетата на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен на Приштина, и веднаш најдоа сериозна забелешка. Наместо да го „прекори“ Курти за потезите што предизвикуваат нова нестабилност на Косово, Урсула фон дер Лејен, која разговараше со него во Приштина, рече дека „ќе го поддржи Косово на секој начин“ и се залага за визна либерализација. Фон дер Лејен молчи и за скандалозната изјава на претседателката Вјоса Османи дека „инсистирањето на Приштина за промена на регистарските таблички на српското население претставува борба против бандите“!