фото: Игор Бансколиев

Албанија

Еден македонски и двајца косовски државјани во 2017 година подготвувале ликвидација на тогашниот лидер на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша. Ова, според медиумите во Албанија, е обелоденето со објавените податоци од страна на хакерите што ги нападнаа полициските системи на деветти месецов, по 22 часот.
Македонскиот државјанин е А.М. (63), жител на Гостивар. Од 1998 година бил вработен во гостиварската полиција во криминалистичко-техничко одделение. Станува збор за лице што се занимавало со нелегални активности на трговија со дрога и е познато како личност што е подготвена да направи сѐ за пари – пренесуваат медиумите.
Вториот осомничен е А.И. (41) од Приштина, познат по прекарот Јапонија. Тој е радикален практичар на исламската религија, поранешен џихадистички борец во Сирија и поврзан со радикални елементи што се бореле во Сирија. Тој е познат како личност со висок ризик. Уапсен е во јануари 2016 година, откако на патот кон манастирот „Дечани“ бил затекнат со униформа и оружје, заедно со лицата Албан Кељменди од Феризај (Урошевац), Кујтим Курти од Ѓаковица и неговиот сограѓанин Куштрим Рама.
Третиот е Ф.Г. од Косово, осомничен дека е вмешан во обидот за атентат врз А.М. од Драч во 2010 година, поради натпревар поврзан со коцкање во Урошевац.
Медиумите потсетуваат дека во април 2017 година, поради заканата по живот, на Баша му било одредено обезбедување од припадници на Националната гарда, која била одговорна за неговата физичка заштита.
По опсежните истражни дејства, не се констатирани дејства што би можеле да го загрозат животот на лидерот на опозицијата. Одлука за запирање на истрагата била донесена неодамна од секторот за антитероризам. Сепак, судот ќе стави печат дали треба да се прекине истрагата – наведуваат медиумите.


Нема сомнеж дека хакерите дошле до највредните тајни податоци на полицијатa

Хакерите од иранската група „Татковинска правда“ објавија тајни податоци од системот на албанската полиција.
По објавените досиеја од ТИМС-системот и последните од електронската пошта на доскорашниот генерален директор на полицијата Гледис Нано, веќе нема никаков сомнеж дека по сајбер-нападите хакерите дошле до највредните тајни податоци на полицијатa – констатира Топ чанел.
Телевизијата додава дека она што е повеќе од загрижувачко е што тие располагаат со повеќе од 1.400 дојдовни и 1.200 испратени е-пораки од мејлот на Нано. Меѓу хакираните пораки обележени како строга тајна е онаа испратена до Амбасадата на САД за планиран терористички напад врз Албанската амбасада во Атина, на 25 април минатата година. Во неа се наведени детали за планираниот напад со експлозив од четворица албански екстремисти – наведува телевизијата.


Мета бара оставка од Рама

Претседателот на Партијата на слободата и доскорашен шеф на албанската држава, Илир Мета, актуелната ситуација во земјата ја оцени како „сериозна“, откако хакерите објавија податоци и информации што можат да ѝ наштетат на националната безбедност и за главен виновник го смета премиерот Еди Рама, од кого побара оставка.
– Цела држава ја соголија. Сѐ е разоткриено на срамен начин. Тоа е многу сериозен момент. Само оставката на Еди Рама може да ја врати довербата на граѓаните во институциите. Тој беше гарант по првиот сајбер-напад, но излезе дека ги имаат сите податоци за секој поединец. Само неговата оставка може да ја врати довербата во државата и институциите, националната безбедност и јавната безбедност. Рама е лажго и измамник – изјави Мета.
Тој додаде дека на вакво нешто предупредувал на седница на Националниот совет за безбедност што го свикал како шеф на државата и побара Обвинителството веднаш да почне истрага.