Фото: Принтскрин

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска на својот Фејсбук профил објави дека се надевал на подобар резултат од минатонеделната мисија на Косово со заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

– Отпатувавме во регионот со цел да се справиме со тензичната ситуација во северно Косово на која сите бевме сведоци во текот на изминатата недела и да го истражиме потенцијалот за политичко решение. Во Косово се сретнавме со највисокото раководство, вклучително и претседателката Османи. Премиерот Курти и првиот вицепремиер Бислими. Дискусијата беше долга. Ја пренесовме нашата загриженост за ситуацијата на северот и ја истакнавме потребата од итна деескалација – посочи Лајчак.

Тој потврди дека и ЕУ и САД побараа итна деескалација, предвремени избори со учество на косовските Срби и враќање на дијалогот за нормализација.

Според него, заедно со Ескобар бил воспоставен контакт со опозициските лидери на косовските Албанци, на кои им биле претставени последиците од актуелната криза и штетата што таа ја нанесува на меѓународниот углед на на Косово и апелираше до нив да ја поддржат потрагата по политичко решение.

– Јас и Ескобар се сретнавме и со претставници на Српската листа и граѓанското општество, со цел да го слушнеме нивното мислење и да им објасниме зошто е важно косовските Срби да учествуваат на новите избори. Од Приштина ја продолживме нашата мисија во Белград, каде имавме подеднакво долги, воопшто не лесни разговори со претседателот Вучиќ – рече Лајчак.

Според неговите зборови, на претседателот на Србија, Александар Вучиќ му било кажано дека треба да придонесе за излез од актуелната криза.

– Се занимававме со сложената ситуација на Србите во Косово. Посебно нагласивме дека, иако сите граѓани имаат право на мирни протести, насилството никогаш не е прифатливо и не може да помине неказнето. „Сега сум назад во Брисел за да ги информирам ЕУ и земјите-членки за моите наоди и следни чекори. Продолжуваме со нашите напори да овозможиме и поддржиме одржливо политичко решение – наведе Лајчак и додаде дека и покрај некои позитивни сигнали, тензиите продолжуваат да растат.