Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е изненаден од толеранцијата и молкот на меѓународната заедница во однос на „акциите“ на Србија, еден ден откако српската полиција приведе тројца припадници на специјалната единица на косовската полиција.
За време на прес-конференцијата, по седницата на Советот за безбедност на Косово, Курти ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Белград
– Ја повикуваме меѓународната заедница да изврши притисок врз Белград и да повика на ослободување на полицајците. Она што не изненадува е толеранцијата и молкот на меѓународната заедница кон дејствија на Србија, која постојано бара дестабилизација – рече Курти.
Тој додаде дека е изненаден што КФОР не излезе со официјално соопштение за местото каде се случи инцидентот и претстави мапа за која тврди дека апсењето на косовските полицајци „се случило длабоко на територијата на Косово“.
Советот за безбедност на Косово им наложи денеска на надлежните органи и институции да ја зајакнат контролата на границата со Србија, откако вчера беа уапсени тројца припадници на косовската полиција од страна на српски сили, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во разговор со претставници на ЕУ и на Квинтата побарал од нив да направат се што е во нивна моќ за да го спречат Албин Курти да започне нова војна на Балканот.
– Разговарав со претставници на ЕУ и на Квинта. Ги замолив да направат се што е во нивна моќ и да го спречат Курти да започне нова војна на Балканот – објави Вучиќ на Инстаграм.
Вучиќ се сретна со претставниците на – САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија и со шефот на делегацијата на Европската унија во Србија.