Фото: МТФ

Петар Мирчевски награден за животно дело на „Чернодрински“

Почетоците на кариерата на Петар Мирчевски се пред повеќе од четири децении, најпрво во Битолскиот театар, а потоа на повеќе сцени во земјава. Има импозантна бројка од 170 остварени ролји. Имал соработки со звучни режисерски имиња и значајни улоги од домашната и од светската драматургија. Добитник е на голем број признанија и награди (награда за најдобар млад актер на „Млад борец“ (1981), „златна маска“ на „Охридско лето“ (1999) и награда за најдобро актерско остварување на Нушиќеви денови (2011). Играл и во филмовите на Теона Митевска, Милчо Манчевски, Драган Бјелогрлиќ, Раде Шербеџија и на Емир Костурица. Она што е заедничко во изведбите на Мирчевски, без разлика дали се во театар или пред камера, е мајсторското „носење на туѓата кожа како своја“, како што стои во образложението за наградата за животно дело на годинашниот МТФ „Војдан Чернодрински“.

Што значи за вас наградата за животно дело на фестивалот на кој сте добиле повеќе награди?
– Наградата е верификација на тоа што сум го работел во моите 43-44 години професионална актерска дејност. Како актер во Битолскиот театар сум вработен во 1979 година, но не останав само таму, гостував често и во други театри, во прилепскиот, во МНТ, Драмскиот театар, Театарот за деца и младинци, Охридскиот театар, МКЦ… Мислам дека е заокружување на една целина. Тоа што сум го работел оставило трага и некој се сетил дека тоа треба да се награди. Клише е одговорот дека наградата е потстрек, сметам дека е и одговорност за следниот период.

Што претставува за вас фестивалот „Војдан Чернодрински“?
– Кога говориме за фестивалот сакам да кажам дека ме импресионира прилепската публика. Сите овие години како учесник во претстави, неброено пати, секогаш сум пријатно изненаден кога реакциите на публиката се на вистинско место. Дефинитивно прилепската публика има префинет вкус за театар. Публиката има право да одобри и да негира и ние актерите не треба да се лутиме на тоа, туку да посветиме внимание на тоа и да се поправиме или да продолжиме ако сме на вистинскиот пат.

Вашата улога на Сирано де Бержерак, за која пред години добивте награда на фестивалот, беше експлозивна, автентична игра, дали тие моменти останаа длабоко во сеќавањето?
– Беше 1991 година, претстава во режија на мојот професор Љубиша Георгиевски. Таа улога ми беше пресвртница во кариерата. Беше цртичка од која тргна мојот ангажман напред. Потоа играв ликови од светската драматургија, како Ричард Трети, па крал Иби, па Санчо Пасна, Скапен, Задрогазот во „Сонот на летната ноќ“…. Трагањето по ликовите приватно те збогатува како личност.
Зад вас се многубројни улоги, што значи да се биде актер, да се биде на сцената?
– Околу 170 улоги. Како актери имаме голема привилегија затоа што ги играме животите и на некои други. Мислам дека за разлика од другите професии, кои не ги потценувам, имаме нешто плус повеќе. Да се занимаваш со судбината на друга личност, дали е историска, измислена, литературна, не е мала работа, но сепак е големо задоволството да се трага по нејзините мозочни хемисфери, да се откриваат нови работи. Во секој лик што го играш внесуваш нешто свое. Од секој лик што го играш земаш нешто, но не мора да го применуваш во праксата. Затоа што ако го применуваш, на пример, Ричард Трети не е во ред.

Има ли улога што сакате да ја одиграте?
– Секој актер има неостварени соништа и неостварени ролји. Во однос на годините, како што созреваш, сигурно посакуваш некои улоги што ти одговараат и на возраста и на карактерот. Можеби еден крал Лир или Шајло во „Венецијанскиот трговец“. Нешто така ми шета низ главата. Но тоа не зависи од мене.

Иако сте во пензија сѐ уште придонесувате за театарот?
– Административно, да, во пензија сум, но не го сфаќам тоа така. Сѐ уште играм во „Патувачкиот театар Шопаловиќ“ во Битолскиот театар, во преговори сум за нови ангажмани, но што ќе биде следно во овој момент не знам.