Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција во врска со убиството на српски полицаец, за кое е осомничен косовски Албанец, изјави дека ги има само информациите што беа објавени во медиумите.
-Изворот на информацијата е Србија, нашите надлежни органи ќе ја информираат јавноста за моменталната состојба -, рече Курти одговарајќи на новинарско прашање во врска со информацијата дека пасошот на осомничениот за нападот врз полицајците е издаден во Косово и пронајден на местото на убиството, јавија косовските медиуми.
Курти посочи дека „оваа работа не треба да се политизира“, туку треба да се третира од безбедносен, правен и професионален аспект.
Тој изјави и дека косовските безбедносни власти собираат информации за случајот.
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ го оквалификува убиството на полицаец и ранувањето на друг полицаец синоќа во Лозница како – терористички напад на албански структури од Косово.
Дачиќ за РТС изјави дека се утврдува дали напаѓачот е човекот чија лична карта и пасош биле пронајдени во автомобилот или е неговиот брат кој избегал од затвор во Косово на 6 јули.
-Тој ги уби полицајците, го изврши овој очигледен терористички чин кој доаѓа од Косово и Метохија од страна на албанските структури. Ова не може да биде случајност и затоа Обвинителството за организиран криминал ќе се занимава со овој случај, бидејќи станува збор за напад на полицаец на должност – рече Дачиќ.
Во меѓувреме Министерството за надворешни работи на Косово ги повика граѓаните со косовски документи, како и оние од дијаспората, да бидат внимателни кога патуваат низ Србија или целосно да ја избегнуваат по убиството на српскиот полицаец во Лозница.
Министерството за надворешни работи и дијаспора апелира до иселениците и граѓаните на Косово да ја зголемат внимателноста при минување низ Србија и врз основа на проценката на ситуацијата да избегнуваат движење низ територијата на Србија.