Голема безбедносно-контраразузнавачка операција во Хрватска

Припадници на полицијата и на Канцеларијата за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) спроведоа акција во која целта беа најмалку четири лица, кај кои беше извршен претрес. Тие беа основано осомничени дека се вмешани во објавувањето строго доверливи информации од најтајните полициски архиви. Исто така, тие се осомничени и за уште едно кривично дело и дека местеле тендери за набавка на специјална разузнавачка опрема за полицијата.
Тоа е резултат на повеќемесечна темелна контраразузнавачка акција, за да се открие можен „крт“ во полициската управа, кој имала пристап до сите најтајни полициски бази на податоци. „Кртот“ се сомничи и за дистрибуција на овие информации до заинтересирани клиенти. Како резултат на таа акција, уапсен е Дамир Остерман (48), информатичар и раководител на проекти за зајакнување и интегрирање на сите бази на податоци во полицискиот систем. Првите информации појаснуваат дека како главен „админ“ на целата полиција, Остерман добил пристап до целата државна база на податоци на лица врз кои се водат или се спроведуваат посебни доказни дејства, како и пристап до архивите на сите криминални досиеја, пристап до тековните тајни операции и слично. Тој е осомничен дека учествувал како кокреатор на постапки за набавка за опремување на полицијата со најсовремена ИТ-опрема, во замена за поткуп, местење на тој тендер за да победи компанијата на Синиша Патачко, претседател на Здружението на приватни детективи на Хрватска.
Истрагата се води за да се потврдат сомневањата на полицијата дека на Остерман му биле исплатени околу 200.000 куни за поставување на тендерот, а трансакцијата била направена со плаќање на фирма во која Остерман бил таен сопственик или директор. Инаку, станува збор за компанија чиј основач е офшор-компанија од Велика Британија, а за директор се наведува сосема друг човек, бидејќи Остерман како полицаец не можел да води ни бизнис на приватна компанија. Покрај Остерман и Патачко, во фокусот на истражителите беше и поранешниот началник на загрепското одделение на Агенцијата за контраразузнавање (ПОА) Марио Фрлан, познат од истрагата на новинарката Хелена Пуљиз во 2004 година.
Фрлан со години води своја приватна детективска агенција во Загреб, како и голем број компании, а истражителите се сомневаат дека Фрлан исто така побарал од Остерман да го „ѕирне“ случајот што беше отворен во полиција во врска со кривична пријава од трето лице.
Речиси идентични сомнежи се однесуваат и на бизнисменот Динк Палац, за кого полицијата се сомнева дека барал од Остерман, но и дека Остерман, како негов пријател, самиот му понудил информации за тајни истраги против поранешниот сопруг на неговата пријателка, како и за истраги што биле поведени против Палац. Се сомнева дека Остерман, меѓу другото, ги снимал податоците со својот мобилен телефон и ги препраќал сликите од екранот на луѓето што го побарале тоа.
Да биде иронијата поголема, на крајот, сепак, гледајќи дека можеби се нашол под тајна контраразузнавачка истрага, Остерман почнал да ги пребарува базите на податоци за да види дали можеби има некоја тајна истрага што се води и против него. Како што можел да види и самиот, таа дефинитивно била водена, но ништо не можел да направи за да ја спречи.

Ангел Митревски наш постојан дописник од Хрватска