Фото: Интернет-страница на косовската претседателка

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека во рок од 24 часа од прифаќањето на Анексот за спроведување на Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, официјален Белград најавил дека нема да го почитува.

Османи ја повика меѓународната заедница да насочи „притисок врз Србија“ за да се почитуваат обврските преземени од Основниот договор, за кој двете страни се договорија во Брисел на 27 февруари, како и од Анексот за негова имплементација, што беше договорено во Охрид на 18 март.

-Мислам дека сите напори, сите притисоци, застапувањето на меѓународната заедница треба да бидат на српскиот претседател Александар Вучиќ – рече Османи.

Таа подвлече дека Договорот за нормализација на односите претставува „де факто признавање на Косово“ и посочи дека во него се споменува почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и еднаквоста меѓу страните.

-Недостасува само признанието кое тој (Александар Вучиќ) не го потпишал – рече Османи.

Таа истакна дека „сите се изложени на ризик“ додека претседателот на Србија одбива да го спроведе Договорот.