Фото: пиксабеј

„Кока-Кола“ денес потврди дека според решението на Државниот инспекторат на Република Хрватска, привремено повлекува една серија од половина литарските шишиња „Кока-Кола – оригинал тејст“ во пластична амбалажа и две ограничени серии „Ромеркуеле Емоушн“ од боровинка и калинка од 330 милилитри во стаклена амбалажа.

– Согласно усното решение на Државниот инспекторат, привремено повлекуваме една серија газиран пијалок „Кока-Кола – оригинал тејст“ од 500 милилитри во пластична амбалажа, произведен на 11.10.2023 година, со рок на траење до 11.04.2024 година –  стои во соопштението на компанијата „Кока Кола“ во Хрватска, пренесува „Хина“.

Иако, како што напоменуваат, нивната интерна анализа не покажала никакви неправилности во производството или во производите, сепак одлучиле привремено да повлечат две ограничени серии „Ромеркуеле Емоушн“ од боровинка и калинка од 330 милилитри во стаклена амбалажа до завршување на официјалната истрага.

Станува збор за серии произведени на 27 мај 2023 година со рок на траење до февруари 2024 година и 22 јуни 2023 година со рок на траење до март 2024 година.

– Продолжуваме да соработуваме со надлежните органи и преземаме конкретни активности за заштита на нашите потрошувачи – се вели во соопштението на „Кока-Кола“ Хрватска, во кое истакнуваат дека преземаат чекори за заштита на јавното здравје.

Државниот инспекторат излезе на терен по појавата на сомнежи за неисправност на пијалоците „Ромеркуеле“ и „Кока Кола“, кои ги произведува компанијата „Кока Кола“. Посочуваат дека ги зеле мострите од пијалокот, а увид извршиле и во трговската компанија во Загреб.