По завчерашната средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, Европската служба за надворешни работи експресно го објави текстот на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Она што е особено важно од средбата е заклучокот дека Вучиќ и Курти се согласиле веќе да не преговараат околу предлогот на ЕУ за нормализација на односите, туку да продолжат да разговараат како да се имплементира. Следната средба на Вучиќ и Курти ќе се одржи во Македонија, на 18 март
Вучиќ и Курти нема да преговараат за предлогот на ЕУ за нормализација на односите, туку ќе се зафатат со негова имплементација
Европските политичари и аналитичари како многу важен чекор го окарактеризираа резултатот од завчерашната средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, по која Европската служба за надворешни работи експресно го објави текстот на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Според информациите од Брисел, договорот е поддржан од сите 27 членки на ЕУ и за него има согласност од двете страни. Притоа се укажува дека овој договор на двете страни им беше презентиран во септември минатата година, но никогаш досега не беше објавен официјално.
– Задоволство ми е да објавам дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, денеска се согласија дека не се потребни дополнителни дискусии за предлогот на Европската Унија за Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија – изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, по средбата меѓу Вучиќ и Курти.
Договорот има кратка преамбула и 11 члена
Комплетниот текст на предлог-договорот што е објавен за првпат има кратка преамбула и 11 члена. Во преамбулата се наведува дека договорните страни „се свесни дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет и заштитата на националните малцинства се основни услови за мир“.
Во текстот на договорот се наведува дека двете страни ќе развијат „нормални добрососедски односи засновани на еднакви права“, дека „заемно ќе ги признаваат документите и националните симболи, вклучувајќи ги пасошите, дипломите, регистарските таблички и царинските печати“.
Двете страни ќе се водат од целите и принципите утврдени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверена еднаквост на сите држави, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет, правото на самоопределување, заштитата на човековите права и недискриминацијата.
Со договорот, Косово и Србија се обврзуваат да ги решаваат меѓусебните спорови исклучиво со мирни средства и да се воздржат од закани за употреба на сила.
Страните тргнуваат од претпоставката дека ниту една од двете не може да ја претставува другата во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име, а Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација, се вели во текстот.
Ниту една страна нема да ги блокира или охрабрува другите да го блокираат напредокот на другата на нејзиниот пат кон ЕУ по сопствена заслуга.
Во текстот се вели дека овој договор е важен чекор во нормализацијата на односите, но дека страните треба да го продолжат дијалогот под покровителство на ЕУ, што треба да доведе до правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на нивните односи.
Страните се согласија да ја продлабочат соработката на полето на економијата, науката, технологијата, транспортот, поврзаноста, правдата, спроведувањето на законот, поштата, телекомуникациите, здравството, културата, религијата, спортот, заштитата на животната средина, исчезнатите лица, бегалците и други слични области преку склучување конкретни договори.
„Двете страни се обврзуваат да воспостават посебни аранжмани и гаранции, во согласност со релевантните инструменти на Советот на Европа и потпирајќи се на постојните европски искуства, со цел да се обезбеди соодветно ниво на самоуправа на српската заедница на Косово и способност за давање услуги во одредени области, вклучувајќи и можност за финансиска поддршка од Србија и директен канал за комуникација на српската заедница со Владата на Косово“, се наведува во текстот.
Исто така се наведува дека партиите ќе го официјализираат статусот на СПЦ во Косово и ќе обезбедат силно ниво на заштита на српското верско и културно наследство, во согласност со постојните европски модели.
Предвидена е размена на постојани мисии, кои ќе бидат формирани во седиштата на владите.
Страните се согласија да формираат заеднички комитет со кој ќе претседава ЕУ, кој ќе го следи спроведувањето на овој договор.
Во последниот дел се вели дека страните се обврзуваат да го почитуваат планот за имплементација, кој е во анексот на договорот.
Првиот исчекор направен, вториот на 18 март
Првите коментари што доаѓаат од меѓународните набљудувачи што со внимание го следат целиот процес се дека иако ќе има уште многу работа околу спроведувањето на овој договор, несомнено дека ова е голема победа за политиката и дипломатијата.
Она што е особено важно од средбата во Брисел е заклучокот дека Вучиќ и Курти се согласиле веќе да не преговараат околу предлогот на ЕУ за нормализација на односите, туку да продолжат да разговараат како тој да се имплементира. Во тие рамки, стигна и најавата дека следната средба на Вучиќ и Курти ќе се одржи во Македонија, на 18 март.
Премиерот Димитар Ковачевски е подготвен да биде домаќин на средбата на Вучиќ и Курти како дел од преговорите меѓу Белград и Приштина, кои се водат под покровителство на ЕУ и САД, на 18 март во Македонија, потврдија за МИА од Владата. На средбата, како што е најавено, ќе присуствуваат и Борел и Лајчак.
– Имавме тешка средба и верувам дека ќе има уште многу во наредниот период. Треба да се видиме на 18 март во Македонија, кога Борел ќе го посети регионот, а дотогаш ќе разговараме со Лајчак за работите што треба да ги спроведеме. Во соопштението на ЕУ ќе се спомене неопходноста од спроведување на сите досегашни договори. Инсистирав на заедницата на српските општини. Курти сега не беше подготвен да го прифати тоа, а дали ќе биде подготвен во иднина, ќе видиме – изјави Вучиќ.
По средбата, на која учествуваше специјалниот пратеник на ЕУ за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, Борел изјави дека разговорите биле интензивни и дека и Вучиќ и Курти покажале одговорност.
Косовскиот премиер по средбата изјави дека е подготвен да го потпише договорот, но дека другата страна одбила.
Подготвил: Mарјан Велевски