Хрватска, еден месец по воведувањето на еврото
Хрватските граѓани деновиве сведочат за наплив на посети на унгарски граѓани во Хрватска, особено на жители што живеат во близината на хрватската граница. Нивна главна дестинација се маркетите и бензинските пумпи, со цел да ги ползуваат пониските цени на храната и горивата. Интересно да се спомене е дека ваквата ситуација е целосен пресврт во однос на она што се случуваше пред една година, кога Хрватите со истата цел заминуваа во Унгарија.
Од воведувањето на еврото, хрватските граѓани почнаа интензивно да ги споредуваат цените со соседните земји, каде што се покажа дека Хрватска е релативно скапа земја во однос на платите. За Унгарија отсекогаш се зборувало дека е поевтина, што го потврдуваат и официјалните податоци за трендовите на цените во последните неколку години. Затоа, за многумина е нејасно што се случи во текот на минатата година кога ситуацијата се сврте, односно Хрватска поевтини?
Во Унгарија висока инфлација и енормни поскапувања
Одговорот е јасен ако се погледаат економските показатели. Унгарија минатата година ја заврши со највисок пораст на цените во ЕУ, а инфлацијата во декември 2022 година изнесуваше дури 25 отсто, што е многу повисока отколку во балтичките земји, кои беа тесно поврзани со Русија економски и во надворешната трговија. Така, Летонија, Естонија и Литванија ја завршија годината со стапка на инфлација многу пониска од Унгарија (Летонија 20,7 отсто, Литванија 20 отсто, Естонија 17,5 отсто).
Ова е особено чудно бидејќи во 2021 година околу 10 отсто од увозот во балтичките земји доаѓал од Русија, додека увозот на Унгарија од Русија во истата година бил занемарлив (помалку од 3 отсто). Унгарија беше меѓу членките на ЕУ што беа најмногу зависни од увозот на енергија од Русија, задоволувајќи повеќе од половина од своите енергетски потреби со увоз од таа земја.
Поради оваа ранливост, ЕУ ја ослободи Унгарија од санкции за увоз на сурова нафта од Русија, која ја набавува преку гасоводот „Дружба“. Некогаш тоа се славеше како голема победа на Орбан, иако беше отстапка кон ЕУ поради целосната зависност на Унгарија од нафтата од Русија, а судејќи според сегашните цени на горивата, сепак не помогна многу.
Орбан се обидува да ги обвини ЕУ и санкциите кон Русија за растот на цените, но тоа едноставно не може да биде вистина бидејќи инфлацијата во Унгарија беше повисока отколку во остатокот од ЕУ и пред војната во Украина. Стапката на инфлација во јануари годинава изнесуваше 7,9, а во еврозоната „само“ 5,1 отсто и на ниво на ЕУ 5,6 отсто. Во последниот месец од 2021 година таа изнесуваше 7,4 отсто, а во ЕУ 5,3 отсто.
Горивото во Унгарија значително поскапо
Во Унгарија литар еуросупер 95 на 16 јануари чинеше 1,57 евро, а дизелот 1,73 евро. Тоа е поскапо отколку во другите земји-членки на ЕУ со споредливи плати. На пример, истиот ден во Хрватска е забележана просечна цена од 1,39 евро за литар еуросупер 95 и 1,62 евро за литар дизел.
Со овие цени, резервоар од 45 литри е за 7,5 евра поевтин во Хрватска отколку во Унгарија, што објаснува зошто вреди Унгарците во близината на границата да возат до Хрватска да наполнат гориво.
Споредбата на цените на штета на Унгарците
Унгарската влада неодамна ги одмрзна цените во таа земја, што создаде услови за луѓето што живеат во близината на границата да биде попрофитабилно да доаѓаат во Хрватска за некои намирници. Освен горивото, овде поевтини се и маслото, шеќерот и компирот.
Како потврда на ваквите тврдења може да послужи и репортажата на новинарите на унгарската АТВ, кои во Хрватска ги споредија цените со нивните супермаркети. Новинарите во Хрватска купувале продукти неопходни за приготвување нивна чорба, за да им биде на гледачите поедноставно за споредба. Се разочарале од разликата во цените. Она за што им биле потребни во Унгарија 913 форинти или 2,3 евра, во Хрватска чинело 529 форинти, што е 1,33 евро.
Унгарските новинари забележаа дека на Хрватите не им пречи унгарскиот шопинг-туризам. На крајот од извештајот, тие наведоа дека хрватската влада минатата година го намалила ДДВ за основните прехранбени производи, а фактот што тие сега можат да стигнат во Хрватска без гранични контроли им го олеснува уште повеќе патот на Унгарците.
Хрватите во Замбија остануваа во притвор до судењето
Вчерашното рочиште на Хрватите обвинети за трговија со деца во Замбија е одложено, а следните рочишта се закажани за 6 и 10 февруари, пренесуваат хрватски дипломатски извори.
Четири двојки од Хрватска беа уапсени на почетокот од декември на аеродромот во Ндола, третиот по големина град во Замбија, под сомнение за трговија со луѓе, односно под сомнение за валидност на документите за посвојување малолетни деца од ДР Конго. Тие се обвинети за обид за трговија со луѓе и фалсификување документи. Обвинетите, пак, ја негираат вината.
Судот во Ндола, третиот по големина град во африканската земја со околу 19,5 милиони жители, им дозволи пред две седмици на хрватските граѓани да се бранат од слобода откако платија кауција, 20.000 замбиски квачи по лице (околу 1.100 американски долари), и ги депонираа патните исправи, како и да го регулираат престојот во Замбија, односно да најдат 16 луѓе што ќе гарантираат за нив. Засега, единствениот услов што им преостанал да го исполнат е регулирањето на престојот.
Посвоените деца, кои поседуваат хрватски документи, биле однесени од замбиските социјални служби. Хрватскиот конзул од Преторија во ЈАР, сѐ уште не добил дозвола да ги посети децата.
Ангел Митревски специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска