Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја предупреди Грција да престане да ги вооружува островите во Егејското Море и да ги почитува меѓународните договори.
Грција треба да „избегнува соништа, изјави и постапки за кои може да зажали“, рече Ердоган за време на воени вежби на западниот брег на Турција, во кои учествуваат и воени сојузници на турската армија.
– Приберете се. Не се шегувам – рече Ердоган во изјавата упатена до Атина, посочувајќи дека Грција спроведува вежби и армиски маневри на армијата, со учество на единици на НАТО и на трети држави на острови што немаат воен статус.
Таквите потези „би можеле да имаат катастрофални последици“, предупреди Ердоган, додавајќи дека Турција нема да се воздржи од преземање активности според меѓународните договори, без притоа да го дообјасни својот став.
Милитаризацијата на грчките острови на истокот на Егејското Море е забранета со Договорот од Лозана од 1923 и Парискиот договор од 1947 година.
Атина тврди дека војниците биле распоредени за заштита од бродови што доаѓаат од западниот брег на Турција.
Апсолутно ништо и на било кој начин не може да им наштети на нашите суверени права и нашиот национален суверенитет, вели портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, коментирајќи ги последните изјави од турското раководството и паралелно ја повика Турција „да престане со тактиката на провокации”, јави дописничката на МИА од Атина.
Иконому вели дека тврдењата што не се засновани на историски податоци „не можат ниту да го оспорат, ниту пак да го заменат меѓународното право и меѓународните договори“ и ништо не може да им наштети на грчките суверени права и суверенитет.
– Затоа ја повикуваме Турција да престане со тактиката на провокации и да сфати дека единствениот начин е мирна и искрена комуникација, во контекст на меѓународното право и со целосно почитување на суверенитетот – рече Иконому.
Коментарот на портпаролот на грчката Влада доаѓа откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повика Грција да престане да ги вооружува островите во Егејското Море и да ги следи меѓународните договори.