Обидот за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина беше искористен од косовските политички ривали за нова конфронтација со косовскиот премиер Албин Курти
ЕУ предупредува на „воинствената“ реторика во регионот
Претстојниот состанок во Брисел меѓу српскиот претседател и косовскиот премиер е дочекан со премали очекувања од двете страни, поради острата реторика што беше користена од претставници на Белград и на Приштина. Тензиите помеѓу Косово и Србија, кои честопати претставуваат закана за стабилноста на Балканот, доведоа до насилни протести и гранични инциденти минатиот месец. Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ разменија обвинувања. Српскиот претседател предупреди дека немирите на Приштина за еднострано воведување ознаки за регистарските таблички се „еден чекор до катастрофа“. Курти минатата недела во низа интервјуа предупреди за потенцијален напад од Србија. Вучиќ, пак, тврдеше дека постојат планови за ликвидација на Срби од северот на Косово.
Курти и Вучиќ в среда засебно ќе се сретнат со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред да одржат разговори и со шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, наредниот ден. ЕУ изрази загриженост за растечката запалива реторика помеѓу претставниците на Косово и на Србија, пред разговорите во Брисел, на кои ќе присуствуваат Курти и Вучиќ. Особено загрижувачки за Унијата е што ваквата тензична состојба на Балканот се случува истовремено додека ЕУ се обидува да се справи со безбедносните предизвици од војната во Украина.
– Oва е буре барут. Ние ја гледаме Украина, но, секако, екстремно сме загрижени и за Балканот – кажал претставник на ЕУ во изјава за „Фајненшл тајмс“.
Властите на Србија остро реагираа на соопштението на Европската служба за надворешна политика, во кое двете страни се повикуваат да престанат со запаливата реторика и дека ќе се сметаат за одговорни доколку дојде до ескалација на насилството во регионот.
Петар Петковиќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, го оценува соопштението како „промашено“ и додава дека тоа е само долевање масло во огинот и охрабрување за Курти за да ја дестабилизира состојбата во Косово и во регионот. Со реакција се јави и српската премиерка Ана Брнабиќ, која рече дека однесувањето на ЕУ е лицемерно и дека не направила ништо во врска со непочитување на човековите права на српското население во Косово.
Новинарот Миливој Михајловиќ, за „Дојче веле“ изјави дека според досегашните изјави на политичарите, Белград и Приштина имаат различни погледи на состанокот во Брисел. Косовскиот премиер Курти е подготвен да разговара за „меѓусебно признавање“, додека Вучиќ смислата за патувањето во седиштето на ЕУ ја гледа само доколку се разговара за заедницата на српските општини.
– Не може да се очекува премногу од оваа рудна на дијалогот. Тоа што јас го очекувам е да се отстранат заканите за судири во овој дел од регионот – вели Михајловиќ.
Европската Унија (ЕУ) бара од Србија и од Косово да прекинат со реториката за војна, додека европскиот блок и НАТО се подготвуваат да одржат кризни разговори со спротивставените страни неделава, во обид да избегнат нов конфликт на Балканот, пишуваат светските медиуми.
– Водечките политичари од двете страни ќе бидат одговорни за каква било ескалација што ќе доведе до зголемени тензии и потенцијално до насилство во регионот – кажа гласноговорник на Европската служба за надворешно дејствување, без да ги именува политичките лидери.
Обидот за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина беше искористен од косовските политички ривали за нова конфронтација со косовскиот премиер. Потпретседателката на Демократската партија на Косово (ДПК), Вљора Читаку, изјави дека на средбата на 18 август, премиерот на Косово, Албин Курти, треба да разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за меѓусебно признавање, а не за налепници и барикади на северот на Косово, додавајќи дека постои опасност дијалогот да се претвори во технички дијалог.
– Очекувам премиерот да не оди во Брисел за да преговара за барикади и налепници. Очекувам премиерот да оди во Брисел и да разговара за сеопфатен договор за заемно признавање – рече таа, предупредувајќи дека не треба да има договор за ништо додека не се постигне договор за сѐ.
Во исто време, лидерот на Алијансата за иднината на Косово и поранешен премиер на Косово, Рамуш Харадинај, го нарече косовскиот премиер Албин Курти измамник и го обвини дека на состанокот што ќе се одржи во Брисел сакал да постигне „договор за ненапаѓање со Србија“.