НАТО ја започна реконструкцијата на албанската воздухопловна база Кучова, изградена уште во времето на комунизмот, а кога ќе биде готова треба да ѝ овозможи поддршка за операции на Алијансата. Реконструкцијата на базата ќе чини 45,8 милиони евра, што вклучува обнова на пистите, патиштата и магацините, како и зголемување на интероперабилноста на НАТО и зајакнување на мисиите за рано предупредување над земјата. Базата во Кучова, 80 километри јужно од главниот град Тирана, ќе ѝ служи на Албанија и ќе обезбеди логистичка поддршка, полициски надзор, обука и вежби за поддршка на операциите за воздушно снабдување на НАТО.
Албанскиот премиер, Еди Рама, рече дека изборот на НАТО да го користи објектот како тактичка база го потврдува фактот дека малата Албанија ѝ додава вредност на Алијансата. Подобрувањето на базата треба да заврши во 2023 година, соопшти Министерството за одбрана.
Воздухопловната база Кучова е изградена во 1950-тите, кога Албанија беше близок соработник на Советскиот Сојуз. Албанскиот комунистички режим пропадна во 1990-тите. Кучова остана воена база, иако авионите од руско и кинеско производство престанаа да летаат кон крајот на 1990-тите. Албанија е членка на НАТО од 2009 година. Минатата година Албанија беше домаќин на мултинационалната воена вежба „Европски бранител 21“, предводена од САД.