Според студијата на „Обединет Балкан за чист воздух“
Загадувањето на воздухот во Западен Балкан предизвикува голем број предвремени смртни случаи, а последиците вклучуваат пократок животен век и влошување на јавното здравје. Ова е заклучок од студијата на регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух”.
Лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи, според податоците на Европската агенција за животна средина, а заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува дека аерозагадувањето просечно придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во државите од Западен Балкан.
Барањата на кампањата вклучуваат намалувањето на загадувањето на воздухот да се постави како национален, регионален и меѓународен приоритет и да се интегрира во сите процеси на планирање, како и да се зголемат буџетските средства за контрола на загадувањето и да се воспостави систем за следење на загадувањето и неговите здравствени ефекти.