Министерството за надворешни работи на Косово им забрани влез во земјата на официјални претставници на властите во Србија, за да ги спречи нивното учество и агитирање во кампањата за изборите што ќе се одржат на 6 октомври. Потпретседателот на Српската листа, Игор Симиќ, вчера порача дека притисоците што доаѓаат од сите страни спроти парламентарните избори на Косово не можат да го разбијат српското единство.

– Тие не разбираат кои се и што се Србите. Колку повеќе нѐ притискаат, ние ќе бидеме посложни и в недела ќе покажеме дека заканите, насилството и притисоците не можат да дадат плод. Во претходните четири дена имавме притисоци од сите страни, не само институционално насилство туку и подмолни потези од оние што се приватни Срби на албанските партии и одредени амбасади во Приштина, кои сакаат да го разбијат српското единство – изјави Симиќ за Прва телевизија.

Јетлир Зиберај, шефот на кабинетот на вршителот на должност министер за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, преку својата страница на Фејсбук објави дека властите во Приштина ја донесоа оваа одлука поради притисоците што врз српската заедница во Косово ги врши официјален Белград.

– Изборите од 6 октомври се избори на Република Косово и на нејзините граѓани. Официјални лица од Белград не можат и ќе бидат спречени да водат изборна кампања за косовските избори. Нема да се толерираат ниту заканите врз српската заедница во Косово од страна на Белград. Белград ја знае реалноста во Косово и треба да се однесува во согласност со таа реалност, да ги почитува Уставот и законите на Косово – напиша Зиберај.

Одлуката на косовското МНР следуваше по реакциите на неколку партии на косовските Срби, обединети во коалицијата „Слобода“, кои го обвинуваат Белград дека врши притисок, со уцени и закани, врз српското население во северно Косово, во полза на партијата Српска листа (СЛ), која има отворена поддршка од властите во Србија и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Меѓу лицата на кои им е забранет влез во земјата е заменик-директорот на канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Дамјан Јовиќ, кој за одлуката на Приштина рече дека претставува продолжување на „репресијата и политичкото насилство врз српското население и врз Српската листа“.

Јовиќ за косовската телевизија на српски јазик Мост изјави дека требало да посети неколку населени места во општините Србица и Вучитрн и дека намерата му била да ги повика тамошните Срби да гласаат за СЛ.

Порталот Коха.нет објави дека и другиот заменик-директор во српската канцеларија за Косово, Душан Козарев, во саботата бил запрен од косовската полиција на патот Ранилуг – Новобрдо, во близината на границата со Србија, по што бил принуден да го напушти Косово.