Пратеникот на Движењето Самоопределување (ВВ) Реџеп Селими порача дека неговата партија нема да соработува со Српската листа (СЛ), која ѝ ги понуди на опозицијта своите десет гласа за уривање на Владата на Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.

Партијата на косовските Срби вчера соопшти дека, поради воведувањето повисоки такси за производите од Србија, во иднина во Собранието ќе делува како опозиција и им порача на опозциските партии на Албанците, кои имаат вкупно 58 гласа во 120-члениот Парламент, дека им ги ставаат на располагање гласовите на своите десет пратеници за уривање на Харадинај.

Сепак, ВВ, и покрај тоа што се залага за предвремени парламентарни избори, според Селими, како што не соработуваше со СЛ за изгласување на актуелната косовска Влада, исто така нема да соработува ниту за нејзина смена.

Пратеникот на ВВ во изјава за порталот „Газета Експрес“ потсети на негов говор во Собранието кога му рекол на Харадинај дека „не би правеле влада со Српската листа, но исто така и не би уривале една албанска влада со помош на Србите во Собранието“.

– ВВ не соработува со СЛ за да ја урне Валдата на Харадинај. ВВ соработува со другиот опозициски спектар и со други пратеници, па и од владејачкото мнозинство, бидејќи сметаме дека агендите на СЛ не се во согласност со интересите на Косово, ниту со интересите на опозицијата – изјави Селими, нагласувајќи дека тоа е став на сите во неговата партија.