Софија – Бугарија веќе е на почеток од четвртиот бран на ковид-19, а во текот на неделата бројот на новозаразени луѓе може да се искачи на 500. Вакцинацијата во земјата се одвива бавно и не се почитуваат мерките. Властите ја разгледуваат можноста за воведување построги рестриктивни мерки само за невакцинираните луѓе, по примерот на некои европски држави. („Нетпрес“)

Атина – Голем пожар го зафати грчкиот остров Родос, а и покрај сите напори на пожарникарите, огнот е надвор од контрола. Граѓаните на социјалните мрежи објавија дека поради пожарот немаат електрична енергија и вода, а во делови од Родос нема сигнал за мобилните мрежи. Поради пожарот се евакуирани жителите на неколку села од северозападниот дел на Островот. Од пожари е зафатена речиси цела Грција, од Евија до Родос. Најпогоден е Пелопонез каде што има голем шумски пожар, при што се повредени пет лица, а изгореа и десетина куќи. („Локално“)

Приштина – Косово постхумно му додели претседателски медал за владеење на правото на Бо Бајден, за неговиот придонес во судскиот систем по 1999 година. Бо Бајден е син на американскиот претседател Џо Бајден. Почина во 2015 година, а по завршувањето на војната во 1999 година, работеше на проект за обука на ОБСЕ за косовски судии и обвинители. (РСЕ)