Додека богаташите ја монополизираат индустријата, просторот за независните медиуми сѐ повеќе се стеснува, но некои сепак изразуваат претпазлив оптимизам во врска со иднината

На 2 септември 2020, бугарскиот новинар Димитар Кенаров се упати кон центарот на бугарската престолнина Софија, за да известува за еден од антивладините протести. Додека ги снимаше релативно мирните демонстрации, каде што се бараше оставка од тогашната влада на премиерот Бојко Борисов, неколку од присутните почнаа да фрлаат разни предмети кон полицијата, која одговори со солзавец и пендреци. Во насилството што следуваше, Кенаров, кој дотогаш веќе беше ставил заштитна маска со натпис „Новинар“, грубо беше повлечен на земја од страна на полицајците, неколкупати удрен со клоци во лицето и врзан со лисици, иако упорно повторуваше дека е новинар, покажувајќи им ја својата прес-легитимација. На крајот беше однесен во полициска станица и ослободен неколку часа подоцна. Во наредните неколку недели, Министерството за надворешни работи демантираше дека Кенаров бил држен во полиција – и покрај постојните снимки од неговиот притвор и медицинското уверение дека бил нападнат. Кога се обиде да го процесира случајот на суд, обвинителството ја одолжуваше постапката, а Министерството за внатрешни работи побара од Националната агенција за приходи да изврши увид во неговите уплати за данок и социјално осигурување.

Оваа случка предизвика меѓународна осуда од организациите, вклучувајќи и од „Репортери без граници“, која го зема предвид овој настан во подготовката на својот најнов индекс за слободата на медиумите, објавен во април. Извештајот ја рангира Бугарија на 112-то место во светот, а наедно и со трет најлош резултат меѓу европските земји, по Русија (150) и Белорусија (158).

Според мислењето на новинарите и академиците со кои разговараше „Ал џезеира“, слободата на печатот во Бугарија покажала значајно назадување во текот на изминативе две децении – не само поради влошувањето на демократските процеси со кои земјата се соочува туку и поради тоа што медиумите мора да се борат со брзорастечка корупција и финансиски проблеми. И покрај сѐ, во Софија постои надеж дека актуелните политички промени во блиска иднина би можеле да ги подобрат состојбите.

Влезот во ЕУ ја
зголеми корупцијата

Во 2002 година, кога „Репортери без граници“ првпат го објавија својот индекс за слобода на печатот, Бугарија, која тогаш беше кандидат за членство во ЕУ, беше рангирана на 38-то место. Пет години подоцна (2007), откако влезе во Унијата, таа падна на 51-то место. Потоа надолниот тренд продолжи и по 10-годишно членство во ЕУ, Софија се најде дури на 109-то место.

Сепак, Бугарија не е единствената земја-членка на ЕУ што мака мачи со слободата на медиумите – и други источноевропски земји што ѝ се придружија на Унијата во текот на 2000-тите се соочуваат со слични предизвици.

Павол Залаи, раководител на балканската редакција на „Репортери без граници“, изјави дека слободата на печатот во Бугарија е под влијание на регресивни трендови, од кои страдаат и другите источноевропски држави, но и под удар на повеќе специфични фактори.
– За разлика од другите земји-членки на ЕУ – како Унгарија и Полска – каде што ситуацијата исто така е лоша, но сепак се рангирани повисоко, во Бугарија опсервиравме чести физички напади врз новинари – рече Залаи.

Во меѓувреме, просторот за независни медиуми постојано се стеснува, а судството, кое треба да ги штити новинарите, всушност врши прогон над нив. Сепак, според мислењето на Кенаров, насилството над медиумските работници не е до толку распространето.
– Не можам да кажам дека тепањето новинари во Бугарија е позастапено одошто во другите европски земји – изјави тој, додавајќи дека сопствениот случај со насилство од страна на полицијата го смета за исклучок.

Според него, луѓето што се на власт ги вооружуваат државните институции за да ги заплашат критичарите. Централните и локалните власти имаат можност да вршат контрола врз медиумите, со цел да ги ублажат критичките осврти на нивната работа, а тоа го прават со распределба на државни средства за јавно рекламирање.

По влезот во Унијата, Бугарија – исто како и другите нови членки – доби голема финансиска поддршка за својот економски развој. Дел од паричните средства беше наменет за рекламирање и промоција на европски развојни програми, со што, со оглед на релативно малиот рекламен пазар во државата со седум милиони жители, беше обезбеден значаен извор на приход за големите и за малите медиумски куќи.
– ЕУ во голема мера ја зголеми корупцијата во Бугарија. Давајќи ѝ неконтролиран пристап на бугарската влада до сите тие пари, во сите сектори, не само во медиумите, тие всушност го создадоа Борисов и му помогнаа да ја конструира и заживее својата мрежа на клиентелизам – смета Кенаров.

Медиумски монопол

Во текот на трите последователни мандати на Борисов како бугарски премиер, Бугарија беше сведок на продажба на големи национални медиумски куќи на бизнисмени, кои се сметаат за блиски до него. Во 2019 година, бизнисмените Кирил и Георги Домушчиеви ја купија НоваТВ, еден од трите национални бугарски телевизиски канали. Наскоро потоа, телевизијата ги раскина договорите за работа со неколкумина свои истражувачки новинари. По повлекувањето од функција на Бојко Борисов во мај годинава, локалните медиуми излегоа со податокот дека во периодот 2017-2021, неговиот кабинет потрошил повеќе од шест милиони американски долари (од европските фондови) за медиумско рекламирање, од кои најголем дел – 1,3 милион долари – завршил во НоваТВ.

Исто така, Борисов е обвинет за политичка заштита на Делјан Пеевски од истрагите за корупција. Пеевски е медиумски магнат и поранешен пратеник од редовите на Движењето за права и слободи. Неодамна американското министерство за финансии го санкционира Пеевски според глобалниот закон Магнитски. Помеѓу другите обвиненија, се истакнува дека „Пеевски преговарал со политичари за обезбедување политичка поддршка и позитивно медиумско известување, барајќи од нив за возврат заштита од кривични истраги против него“.
– Група олигарси, меѓу кои најистакнат е Пеевски, воспоставија целосен медиумски монопол – изјави за „Ал џезеира“ Венелина Попова, новинарка истражувачка, која цели 30 години работеше во Бугарското национално радио.
– Големите медиуми „шетаа“ од еден до друг сопственик, од кои повеќето имаа цел да одржуваат блиски односи со власта, избегнувајќи ги така проблемите и добивајќи повеќе пари од реклами.

Се верува дека Пеевски држи повеќе од 80 отсто од пазарот на печатени медиуми во Бугарија. Оттука, тој е обвинет и дека ги злоупотребува медиумите што ги поседува за да ги оцрни противниците и критичарите.

Попова раскажува дека минатата година, откако ги истражувала донациите на Пеевски за јавните болници на почетокот на пандемијата, од неговите медиуми била наречена „пропагандист“ и „пион“. Бугарскиот разгранок на Европската асоцијација на новинари солидарно застана на нејзина страна и излезе со јавно соопштение за поддршка.

Финансиската криза во 2009 г.

Негативните светски индустриски трендови имаа влијание и врз бугарскиот медиумски пејзаж. Според Мартин Маринос, медиумски научник и доцент на Државниот универзитет во Пенсилванија, сензационализмот во бугарските медиуми започна во доцните 1990-ти и раните 2000-ти, најмногу поради влезот на странските медиумски корпорации, како мултинационалната „Њуз корп“ на Руперт Мурдок и германската групација ВАЦ.
– Овие компании, без оглед на тоа што зборуваат за демократија и цивилизација, ги претвораат медиумите во таблоиди и не им е многу грижа за новинарството -вели Маринос.

Овие корпоративни преземања подоцна им го отворија патот на бугарските олигарси за купување медиуми, особено по егзодусот на странски бизниси – резултат од финансиската криза во 2009 година.

Ефектите од оваа криза беа доста тешки, така што медиумите и новинарите станаа уште поранливи во однос на финансиски притисоци, објаснува Маринос.
Уште во текот на 2010-тите, медиумските работници нашироко споделуваа приказни за недоволно платена работа и постојано губење на работните места.
– Заедно со големата дерегулација и недостигот од контрола од страна на државните институции, кризата им овозможи на неколку силни бизнисмени да преземат контрола врз медиумскиот пазар – додава Маринос. „Нема начин работите да функционираат добро кога имате вакво меѓусебно интегрирање на големите бизниси и медиумите“.

Маринос посочи еден пример од своето искуство со ТВ7, канал поврзан со Цветан Василев, поранешен борд-претседател на сега веќе банкротираната Корпоративна комерцијална банка.
– Ја посетив ТВ7 во 2016 година. Во едната половина од зградата беше сместена телевизијата, а во другата беа просториите на банката. Чекорите низ ходникот и не знаете дали луѓето што ги среќавате се новинари или банкари.

Интернетот и социјалните медиуми исто така имаа големо влијание врз промената во медиумскиот пејзаж. Во овој момент, околу 60 отсто од приходите од интернет-рекламирање во Бугарија отпаѓаат на Фејсбук и Гугл.
– Се случи негативна промена во медиумскиот бизнис-модел. Значително се намали улогата на печатените медиуми, другите медиумски видови изгубија многу од приходите и генерално, новинарството изгуби многу простор заради социјалните медиуми – изјави Иван Радев, член на управниот одбор на бугарскиот разгранок на Асоцијацијата на европски новинари.

Ова доведе до уништување на помалите медиумски куќи. Новинарите повторно не беа спокојни во однос на своето работно место, а многумина решија да се откажат од својата професија. Резултат на тоа е фактот што Бугарија денес има најмалку новинари по жител во ЕУ – се верува дека вкупната бројка изнесува само околу 3.000 медиумски работници.

Не постои брзо и лесно решение

И покрај сите предизвици, новинарите со кои зборуваше „Ал џезеира“ изразија оптимизам во однос на иднината. Голем дел од тој оптимизам се должи на мајското повлекување на Бојко Борисов, откако неговата партија ГЕРБ и коалициските партнери не добија доволно гласови на изборите во април, па сходно на тоа, не беа во можност да формираат влада.
– Не постои брзо и лесно решение, бидејќи за проблемот со слободата на печатот има повеќе причини. Сепак, на оваа политичка промена се гледа како на нешто позитивно, затоа што веќе се формираше перцепција за Бугарија како заробена држава – вели Радев.

И Кенеров гледа позитивно на неодамнешните политички случувања. Тој рече дека откако привремената влада ја замени онаа на Борисов, Министерството за внатрешни го повлекло барањето за преиспитување на неговите даночни обврски и почнало да соработува во врска со случајот.

Како што смета тој, судските реформи сигурно ќе ги подобрат медиумските слободи во Бугарија, но исто така рече дека ќе треба да се зголеми контролата на ЕУ врз начинот на кој Софија ги троши средствата од европските фондови.
– Кога ние, Бугарите, влеговме во ЕУ, нашата надеж не беше свртена кон добивање пари, туку кон контрола на парите. На ЕУ гледавме како на институција што е во состојба да ги контролира нашите корумпирани институции – објаснува Кенеров.

За Попова, бугарските новинари се тие што треба да одиграат голема улога. Мора да постои поголема солидарност и посветеност во однос на етичките стандарди.
– На Бугарија ѝ требаат силни синдикати. Ние немаме синдикати што можат да ги бранат правата на новинарите. Бугарскиот новинарски сојуз продолжува да биде само симболична посткомунистичка организација – смета Попова.

Маринос, пак, тврди дека државните институции мора да се ангажираат во регулацијата на медиумскиот пазар и да спречат концентрација на медиумските компании во рацете на мал број бизнисмени.

Исто така, според него, клучен чекор кон медиумското отворање за различни мислења и кон подобра презентација на бугарското општество, треба и мора да биде зголемувањето на буџетот на јавните медиуми.

(„Ал Џезеира“)