Во Германија за 20 отсто пораснала побарувачката за домашни миленичиња / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поради карантинот и осаменоста, многу Германци побарале да купат домашни миленичиња, од нив најголем број пристигнуваат преку илегалните канали за продажба на животни од земјите во Источна Европа, Романија и од Србија

Побарувачката за домашни миленичиња пораснала во Германија за време на карантинот поради епидемијата на коронавирусот. Пред почетокот на пандемијата, секое четврто германско домаќинство имало мачка, а секое петто чувало куче. Со ограничувањето на контактите за време на карантинот, граѓаните во Германија се сѐ поосамени и бараат сѐ повеќе друштво од животните. Според сознанијата на здружението на одгледувачи на кучиња ВДХ, околу 20 отсто повеќе кучиња се купени во 2020 година отколку пред една година. Поради сѐ поголемиот интерес на Германците во понудата за продажба на куче или мачка, се вклучуваат и илегалните трговци на животни од Балканот и од Источна Европа, пишува „Дојче веле“.
– Можеби да се има милениче е потреба за партнер. Имам премногу пораки на мејлот од луѓе што бараат куче. На некои сигурно им починало кучето, па бараат друго. Но јас немам толку за да им дадам на сите. Кај мене кученцата чинат по 1.500 евра – вели Бернадет Диркс-Мајер, која е ветеринарка. Таа на својата веб-страница најави дека повторно ќе почне со продажба на лабрадори.
„Дојче веле“ објави и видеорепортажа за трговијата со домашни миленичиња, во која се вклучени и илегалните трговци од Источна Европа. Како главни „снабдувачи“ се трговците од Романија и од Србија, кои нудат разни видови кучиња, кои се наоѓаат и од стационарите за напуштени животни, а за продажба се нудат дури и улични кучиња од мешани раси. Цената на едно куче, на црниот пазар во Германија, изнесува околу 500 евра. Во видеоприлогот на ДВ се споменува дека дневно има околу 16.000 огласи на кои се нудат миленичиња на продажба, а се верува дека три четвртини од огласите се „нерегуларни“. Процените се дека со шверцот на животни во Европската Унија се вртат милијарда евра и оти овој бизнис е трет по нелегалната продажба на дрога и оружје!

За зголемување на продажбата говори и Јулија Цервас, која порано работела во прифатилиште за животни во Бон. Многу од овие животни биле отфрлени од сопствениците. Затоа постои и опасност дека многу од миленичињата што се купени за време на пандемијата ќе бидат отфрлени од сегашните купувачи.
– На тие што сакаат сега да удомат куче им советуваме да размислат што ќе биде по корона-кризата. Дали ќе имаат време за животните и дали тие ќе им се вклопат во секојдневниот живот или тоа е само одраз на моменталната состојба? – вели Цервас за „Дојче веле“.
Германскиот сојуз за заштита на животните пренесува дека само од јануари до октомври минатата година во Германија се откриени 75 случаи на шверцување животни. Вкупниот број на откриени животни изнесува околу 800. Бројот на неоткриени шверцувани животни е многу поголем.
Нестер Померенинг, од Сојузот за заштита на животните, посочува на огласите на социјалните мрежи на кои се нудат миленичиња што се предвреме одвоени од своите мајки. Повеќето од тие животинчиња се во лоша здравствена состојба и доаѓаат од земјите од Источна Европа. На илегалниот пазар од трговците, покрај кучиња и мачки, можат да се купат и други видови животни, како змии, кенгури или елени! Според сознанијата на луѓето на заштита на животните, од Романија влегуваат околу 5.000 кучиња, а заработката од нив е голема. Се претпоставува дека се заработуваат од 20 до 25.000 евра, за една испорака од 30 до 40 кучиња. Најпрво, нелегалните трговци бараат од идниот сопственик во Германија да уплати однапред од 1.000 до 1.500 евра за транспортни трошоци и за изработка на потребни документи. Предмет на продажба се и кученца стари по неколку недели и месеци, иако според европските закони е дозволен е увоз на животни над 15 месеци старост.

Со новиот закон за благосостојба на животните, што беше најавен во јануари 2019 година, се ограничува прометот, односно им се забранува на продавниците за домашни миленичиња низ Македонија да продаваат кучиња и мачки. Ова правило ќе биде вметнато како посебен член, покрај забраната на неконтролирано размножување и задолжителната кастрација на сите женски единки ако не регистрирате одгледувачница. Продажбата на овие домашни миленици во продавниците за домашни миленичиња ќе биде забранета да се врши директно на малолетни лица.
– Предложените измени на Законот за заштита и благосостојба се во насока на подобрување на одговорното сопствеништво на домашните миленици, со намера намалување на бројот на бездомни кучиња. Новините што сега се предлагаат се во насока на унапредување на заштитата и благосостојбата на животните, пред сѐ на поставување основа за решавање на проблемот со бездомните кучиња и реалната опасност од нивното неконтролирано размножување – информираа тогаш од Агенцијата за храна и ветеринарство.