Ибрахим Маколи, претставник за прашањето за исчезнатите лица на косовскиот преговарачки тим, кој учествува во дијалогот со Србија што под покровителство на ЕУ се одржува во Брисел, вчера соопшти дека е осигурена нацрт-спогодба за исчезнатите лица што ќе биде дел од конечниот договор за нормализирање на односите меѓу двете земји. На состанокот на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Косово, Маколи нагласи дека се договорени три главни точки, за да се обезбеди пронаоѓање на исчезнатите. Тоа се „формирање заедничка комисија, постоење на механизам задолжен за решавање на прашањето за исчезнати лица и неограничен пристап до архивите што се однесуваат на прашањето за исчезнатите лица“.
– Сето ова има временски рок и целиот процес мора да биде завршен за 18 месеци, доколку биде постигнат конечен договор за нормализирање на односите.

Работата на заедничката комисија ќе ја надгледува ЕУ – истакна Маколи.
Претходно минатиот месец српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Белград и Приштина, за време на разговорите во Брисел, постигнале напредок поврзан со соработката за прашањето за исчезнатите и раселените лица. Според информациите во медиумите на оваа тема, околу 1.600 луѓе, Албанци, но и Срби, сè уште се водат како исчезнати во војната на Косово.