Брзината со која регионот ќе излегува од кризата ќе зависи и од главните политички процеси што се одвиваат во светот. Аналитичарите веќе даваат процени за можни сценарија, а кое ќе преовладее ќе зависи и од тоа кои текови ќе преовладеат во центрите каде што се креираат глобалните политики

Постепеното излегување од најкритичната фаза од епидемијата на коронавирусот балканските држави ќе ги внесе во нов понеизвесен период. Покрај здравствените последици, земјите од Западен Балкан ќе бидат исправени пред нови предизвици, кои ги наметна двомесечната целосна изолација, што може да се одрази на економски и политички план. Брзината со која регионот ќе излегува од кризата ќе зависи и од главните политички процеси што се одвиваат во светот.

Аналитичарите веќе даваат процени за можни сценарија, а кое ќе преовладее ќе зависи и од тоа кои текови ќе преовладеат во центрите каде што се креираат глобалните политики, пред сѐ од исходот на претседателските избори во САД, како и од „амортизирањето“ на односите во самата Европска Унија, која, исто така, се покажа како недоволно силна да се справи со последиците што произлегоа од корона-кризата.
Шансите за повторен избор на Доналд Трамп за претседател на САД зависат од неговиот успех во управувањето со појавата на коронавирусот. Од исходот на американските избори ќе зависи и одлуката на Вашингтон дали ќе остане фиксиран на политиката на Трамп за „брзи поправки“ на Балканот, ако се гледа низ призмата на косовското прашање и политичките состојби во Босна и Херцеговина.

Во анализата на Марко Савковиќ, извршен директор на белградскиот Фонд за политичка вонредност, објавена на „Балкан инсајт“, се дава приказ на економско-политичката слика во САД, за време на пандемијата на коронавирусот, што во добар дел би влијаело на идните одлуки на американските гласачи и, секако, на идните американски политики на Балканот. Имено, личниот рејтинг на актуелниот претседател Доналд Трамп е во опаѓање и достигна ниво од 44 проценти. Но како главна закана за неговиот повторен реизбор се зголемувањето на невработеноста во САД и сѐ поголемиот број граѓани што бараат социјална помош од државата.
Состојбата во светот може да биде различна од пред појавата на епидемијата, во зависност од тоа колку трае пандемијата.

Економистот Бранко Милановиќ смета дека земјите не се способни ефикасно да се справат со последиците од неа, а секое продолжување ќе го поткопа самиот тек на глобализацијата и ќе ги натера земјите да се „свртат кон себе“. Со тоа особено ќе бидат соочени земјите од Западен Балкан., во кои е потребно да се „спречи социјалниот слом“ по завршувањето на епидемијата.
За намерите на администрацијата на Трамп во овој дел од регионот, неделава весникот „Вашингтон пост“ објави текст во кој како главен заклучок произлегува дека американската политичка стратегија за Косово, која е поставена од поранешниот претседател Бил Клинтон, настанала на погрешни премиси. Мајкл Вејлер од Центарот за безбедносни политики во Вашингтон во својот авторски текст констатира дека стратегијата на Клинтон не дала позитивни резултати.

– Косово речиси нема никакво стратегиско значење за САД, затоа што е мало, неразвиено и премногу оддалечено од Америка. Осумдесетина отсто од младите на Косово не се вработени, а најпознат косовски извозен производ се џихадистите. Осум години по бомбардирањето, Русија го искористи погодниот момент да ги зацврсти своите историски и политички врски со Србија. Денес администрацијата на Трамп се обидува да ги извлече САД од косовскиот хаос и да ја поттурне Србија (која е значајна геополитичка алка) кон ЕУ – пишува аналитичарот Мајкл од Центарот за безбедносна политика во Вашингтон.
За приближувања меѓу ставовите на САД и Србија посочува и косовскиот премиер во оставка Албин Курти, кој деновиве отворено порача дека американскиот претставник во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Ричард Гренел, како што забележува Курти, нема неутрален став за формирањето на новата влада на Косово и целосно се ставил на српска страна.

Професорот за политички науки на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, се осврнува на меѓусебните односите на Европската Унија и Србија за време на корона-кризата и забележува дека српските власти испраќаат порака дека Унијата не им е толку важна за Белград. Бибер во интервју за „Гласот на Америка“ изјави дека од многу официјални европски претставници го слушнал ставот дека Србија повеќе не е заинтересирана за европските интеграции.
– Ова се пораки од кои ќе има некои трајни последици за Србија, но во негативна смисла. Земјите од ЕУ сфаќаат дека оваа власт во Србија не сака сериозни европски интеграции, а тоа ќе ги направи поскептични кон потезите на Белград – рече Бибер.
Тој е еден од авторите на анализата на Советодавната група за јавни политики на Балканот во Европа (БиЕПАГ), која е посветена на влијанието на пандемијата на државите од Западен Балкан, а во која се наведува дека актуелната криза е „пресвртна точка“, по која состојбите во регионот нема да бидат исти.

За тоа се споменуваат две можни сценарија. Во најлош случај, тоа ќе значи длабоко влошување на демократијата и влегување во автократија, ориентирање кон Кина, економски крах и влошување на здравствената и социјалната состојба, како и јакнење на недовербата на државите во сопствените граѓани и обратно. Има и второ поповолно сценарио, а тоа е сите недостатоци што излегоа на виделина од оваа криза да се искористат за подобрување на односите кон граѓаните и да се подобри демократската слика во земјите од Западен Балкан.