Меѓународното француско радио РФИ наведува дека се претпоставува дека францускиот претседател Емануел Макрон би можел да ја поддржи идејата за „корекција на границите“, што би требало да ги реши споровите меѓу Белград и Приштина и да го поттикне Белград да ја признае независноста на Косово.
– По повеќегодишната релативна пасивност, се чини дека француската дипломатија всушност сака повторно да се вмеша во балканските прашања, а особено во тешките преговори за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина – се наведува во текстот објавен на страницата на Радио Франс ентернасионал.(РФИ)
Поддршката на Макрон, укажува РФИ во пресрет на претстојната посета на францускиот претседател на Србија, ќе биде клучна да се убеди Германија да се откаже од противењето на било каква промена на границите на Балканот.
Според најновите претпоставки, наведува француското радио, северот на Косово со мнозинско српско население би можел да биде разменет за дел од Прешевската долина на југот на Србија, каде што Албанците се мнозинство, „со ризик од нов регионален конфликт“.