Подгорица – Негативниот природен прираст во Црна Гора во првите седум месеци годинава пораснал за 6,5 пати во споредба со крајот на претходната година, се наведува во прелиминарните податоци на црногорската управа за статистика Монстат.
Во 2020 година, во Црна Гора, првпат откако се води статистика, е забележан негативен природен прираст, што значи дека во земјата поголем број луѓе починале отколку што се родиле. Во 2020 година негативниот прираст изнесувал 196, а во првите седум месеци од годинава изнесува 1.297, односно разликата е 662 проценти. („Вијести“)

Загреб – Хрватската сеизмолошка служба објави дека земјотрес со јачина од 4,6 степени според Рихтеровата скала е регистриран прексиноќа на границата со Босна и Херцеговина, во близината на Бушко Езеро, 20 километри источно од Сињ. Земјотресот бил силно почувствуван во Хрватска, во пошироката област околу Сињ, Сплит, Макарска и околината. Претходно, земјотрес со сила од 5,1 степени според Рихтеровата скала е регистриран на 40 километри североисточно од Сплит. („Слободна Далмација“)

Тирана – Почетокот на новата академска година наместо, како што беше најавено, на 11 октомври, е одложен за 18 октомври, поради малиот процент вакцинирани студенти, што е услов за влез во универзитетите.
– Следната недела ќе биде недела за масовна вакцинација на студентите. Затоа, новата академска година официјално ќе започне на 18 октомври, за да се фокусираме само на процесот на вакцинирање на студентите – изјави Евис Куши, министерка за образование и спорт. (МИА)


Бисер балкански

Работа од утро до вечер

– Во Босна и Херцеговина само 33,5 отсто од жените се економски активни во смисла на формално пријавена работа. Меѓутоа, постои армија жени што се во категоријата долгорочно невработени жени, што е последица на системскиот распад на економијата и дисконтинуитетот во индустриското производство во големите системи. Најголем број од жените од средната и постарата животна возраст работи во сивата зона, во неформална и непријавена работа, а исклучиво се ангажирани за грижа за децата или за старите лица. Во просек, секоја жена во БиХ, било да е вработена или не, поминува 53 часа неделно во неплатена работа – изјави Амна Мухаремовиќ од организацијата „ОН вомен“, во разговор за Радио Слободна Европа, во кој посочува дека БиХ има најниска регистрирана економска активност на жените во Југоисточна Европа, која е во долниот дел на европскиот просек.
Вработените жени во просек работат и по 70 часа неделно, во кои е вклучен и неплатен труд за одржување на домаќинството, како и за одгледување на децата или за нега на старите лица во семејството.