Претседателот на косовското Собрание Кадри Весели порача денеска дека Владата на Рамуш Харадинај може да биде урната, предупредувајќи дека ќе падне секоја влада на Косово која ќе ги доведе во прашање односите со Соединетите Американски Држави и опстанокот на воената база Бондстил, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Сите влади можат да заминат, но Бондстил не. Ниедна влада не може да ги доведе во прашање светите односи со САД – изјави Весели на отворањето на Центарот за иновации и претприемништво во јужна Митровица.
Тој нагалси дека се повлекол од расправата во врска со барањето на САД за суспендирање на таксата од 100 отсто што Владата на Харадинај ја воведе на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, затоа што „се срами“ од начинот како се третираат граѓаните на Косово.
– Не може така. Ние имаме обврски, имаме Устав и закони. Граѓаните и институциите на Косово го бранат суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја – рече Весели.
Тој додаде дека Косово ќе ѝ одговори на Србија „онака како што заслужува, како со таксата, така и со реципроцитет“.
– Некои тоа го сфатиле премногу лично. Никој не може сам да го брани Косово. Треба да знае дека Косово најдобро се брани заедно. Ние политичарите имаме одговорност кон вас, граѓаните, кон Уставот и законите кои се на сила. Суверенитетот на Косово е тоа што е свето – рече Весели.
Претседателот на Собранието и лидер на Деморкатската партија на Косово (ПДК), Весели, се залага за исполнување на барањата на Вашингтон за суспендирање на таксата, исто како и неговиот претходник на чело на ПДК, актуелниот претседател на државата Хашим Тачи. Од друга страна, премиерот Харадинај останува упорен во ставот дека таксата ќе се укине единствено тогаш кога Србија ќе ја признае независноста на Република Косово.
Во медиумите се појавивја информации дека е можно САД да повлечат дел од војниците од Косово, па дури и да ја затворат воената база Бондстил, за да го убедат Харадинај да ја супседнира таксата на одредено време, со цел да се деблокира дијалогот со Србија.