Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Многу работи се сменија по 21 година од терористичките напади врз САД што Ал каеда ги испланира и покрена од Авганистан, но талибанците повторно владеат со Авганистан, а Ал каеда ужива прибежиште таму, исто како и на 11 септември 2001 година, по катастрофалното повлекување на американската војска минатата година, пишува поранешниот американски советник за национална безбедност Х.Р. Мекмастер, во неговиот авторски текст за „Форин полиси“.

– Некои можат да го отфрлат трагичниот исход во Авганистан како тажна епизода што САД можат да ја избришат од учебниците по историја додека Вашингтон е насочен кон поважни предизвици. Но тоа не може да биде подалеку од вистината. Заканите остануваат во Авганистан и неможноста за справување со самозалажувањето во Вашингтон, што доведе до катастрофалното повлекување, ќе предизвика идни катастрофи во американската политика на други места – смета Мекмастер.

Тој додава дека САД треба да очекуваат напади на нивно тло ако не можат да го одржат притисокот врз терористички групи како што е Ал каеда.

– Белата куќа не треба да биде толку наивна за да верува дека еден удар годишно е доволен за Ал каеда да се лиши од просторот што и е потребен за планирање и покренување на напади врз САТ и нивните сојузници – тврди авторот.

Американскиот претседател Џо Бајден, пак, ја истакна ликвидацијата на лидерот на Ал каеда Ајман ал Завахири од 31 јули, во говорот на одбележувањето на годишнината од нападите од 11 септември.

– Беа потребни 10 години за да се пронајде и убие Осама бин Ладен, но ние го сторивме тоа. А летово јас одобрив успешен напад врз Завахири, човекот што беше заменик на Бин Ладен за време на нападите на 11 септември, а потоа и лидер на Ал каеда, бидејќи ние не запираме. Никогаш нема да заборавиме, никогаш нема да се откажеме и Завахири сега не може повторно да му се заканува на американскиот народ – порача Бајден.

Поранешниот генерал на американската морнарица, Френк Мекензи, во телевизиско интервју се осврна на заканата од Ал каеда и Исламската држава во Авганистан.

– Беше наша проценка дека ако го напуштиме Авганистан, ако падне авганистанската влада и талибанците ја преземат власта, дека во одреден период, Ал каеда и ИСИС ќе бидат во можност да се регенерираат – нагласи Мекензи.