„Големите“ треба да нѐ поштедат од моралистичко перчење и лицемерно преправање. Меѓународното право треба стриктно да се почитува. Тоа важи и за „големите“ и за „малите“. Затоа што ако продолжи девастацијата на востановените и воспоставени меѓународни правила и норми, ќе се случуваат Сирија или Србија (читај воена кампања за уништување) или ќе се случува Македонија (политичка кампања за уништување еден народ). Засега, „силата не ја моли правдата“…

Воената кампања што САД и сојузниците, Велика Британија и Франција, ја реализираа во Сирија по многу нешта содржи елементи со кои домашната и светската јавност треба да бидат запознаени.

1. Акцијата на Вашингтон е флагрантно кршење на американскиот устав. Освен во случаи на одбрана, а имено кога САД се нападнати, документот му дава на Конгресот, а не на претседателот, овластување да реши дали земјата ќе се вклучи во војна. Казнувањето странски режим поради наводно насилство против сопствените граѓани не се вбројува во опциите.
2. Воената кампања беше надвор од меѓународноправните норми. Со ракетниот напад САД, Британија и Франција директно удрија во темелите на меѓународното право. Според повелбата на ОН, вонграничната употреба на воена сила е легална само во случај на овластување од Советот за безбедност на ОН или во случај на самоодбрана.

3. До ден-денес не постои сигурен доказ дека владата на Башар ал Асад е одговорна за хемискиот напад што ја предизвика реакцијата на Западот. Имено, постојат и неколку други осомничени за стореното дело, особено разните бунтовнички фракции, кои се обидуваат да го соборат од власт Асад. Кај овие групи, кои се разбиени по серијата воени порази, постои силен мотив да го „намамат“ Вашингтон да се вклучи подлабоко во Сириската граѓанска војна. Од друга страна, Асад нема мотив да ги провоцира САД и сојузниците.
4. Воздушните напади непотребно создаваат нови тензии во и онака разнишаните односи помеѓу САД и Русија. Кому му е потребно отворање и продлабочување на нова студена војна меѓу Западот и Истокот?
5.Со нападот на сириските воени капацитети, западните сојузници ризикуваат да ѝ овозможат на големата исламска бунтовничка коалиција, а со тоа индиректно помагаат да не згасне жариштето на глобалниот тероризам. Имено, најмоќната фракција во гореспоменатата голема исламска бунтовничка коалиција е Џабат Фатах ал Шам (поранешен Фронт на Нусра, сирискиот огранок на Ал каеда!). Никому не му се верува дека во интерес на САД е да се потпомогне воскреснувањето на исламскиот радикализам и фундаментализам.

И сега во целата оваа каша полна со бесмислици, преседани и отсуство на принципот на легалитет, како јаготка на врвот на тортата доаѓа морализаторската лицемерност на западните „аналитичари“ во врска со наоѓањето оправдувања за воздушните напади. Тие ги правдаа своите лидери за кршењата на правото (и на меѓународното и на внатрешното право), обидувајќи се да го прикажат нападот врз Сирија како „морален императив, со кој ќе се спречи употребата на хемиско оружје во меѓународниот систем“ (?!).
Од друга страна, Даниел Ларисон, колумнист во месечникот „Американски конзервативец“, беше суперексплицитен за лицемерното глумење морал на западните сили. Цитирајќи го (очигледно реторичкото) прашањето на Трамп за тоа каква е таа нација (за Сиријците) што сака да биде поврзана со масовни убиства на недолжни мажи, жени и деца, колумнистот Ларисон пишува:

„Трамп би требало да го знае одговорот, со оглед на фактот што тукушто удоми еден од главните креатори на војната во Јемен, кој беше комплетно поддржан од САД во последниве три години. Претходно Британија го нагости саудискиот престолонаследник, додека Франција му беше домаќин во последниве неколку дена. Овие три земји ги вооружуваат и поддржуваат Саудијците и нивните сојузници во Јемен, без разлика колку злосторства ќе сторат. Најверојатно постојат влади што имаат морален кредибилитет да им одржат лекција на Сирија и нејзините сојузници за нивното свирепо однесување, но администрацијата на Трамп и нашите француски и британски сојузници немаат право на тоа. Саудијците и нивните сојузници го употребуваат оружјето – купено од САД и другите западни влади – да масакрираат илјадници невини јеменски цивили, користејќи воздушно и теренско експлозивно оружје, кои се забранети од речиси сите држави на планетава.

Ако САД и нејзините европски сојузници веруваат дека нападот на Асад ќе ѝ зададе успешен удар на идната употреба на хемиско оружје од страна на Сирија или други држави, тоа е политички курс за кој вреди да се дебатира. Ако американската администрација верува дека (ова е многу веројатно) ослабувањето на силите на Асад може да ги спаси бунтовниците од неминовен пораз, и дека следната власт, која би била контролирана од тие бунтовници би била подобра за безбедносните интереси на Блискиот Исток и САД – и ова е политички курс за кој вреди да се дебатира. Но тогаш барем треба да нѐ поштедат од моралистичко перчење и лицемерно преправање. Овие три држави дури и не се одрекоа од Садам Хусеин поради неговото многукратно користење отровен гас во 1980-тите, вклучувајќи го и убиството на најмалку 5.000 курдски граѓани на Ирак од 1988 година во Халабџа. Вашингтон многу ретко се обидуваше да ја „скроти“ својата менажерија на авторитарни сојузници и да ги спречува нивните понатамошни злосторства.

Впрочем, како што констатира Ларисон, „САД, Британија и Франција се директни соучесници во тековниот масакр на невини луѓе во Јемен од страна на Саудиска Арабија. Западните сили мора најпрвин да ги средат сопствените ’куќи на моралот’, пред да им држат морални лекции на Русија, Иран и другите држави“.
„Големите“ треба да нѐ поштедат од моралистичко перчење и лицемерно преправање. Меѓународното право треба стриктно да се почитува. Тоа важи и за „големите“ и за „малите“. Затоа што ако продолжи девастацијата на востановените и воспоставени меѓународни правила и норми, или ќе се случуваат Сирија или Србија (читај уништувачка воена кампања) или ќе се случува Македонија (политичка кампања за уништување еден народ). Засега, како што стојат работите „силата не ја моли правдата“…