Германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер, оценува дека фактот што талибанците ја презеле власта во Авганистан е „политичка пресвртница што ќе го промени светот“. Германија, вели тој, е исто така одговорна за човечката трагедија.

Фактот дека талибанците ја презедоа власта во Авганистан ќе има долгорочни глобални политички последици, проценува претседателот на Германија.

„Овие денови доживуваме човечка трагедија за која ја делиме одговорноста и политичка пресвртница што ќе нè потресе и ќе го промени светот“, рече Франк-Валтер Штајнмаер во Берлин. Германија, вели тој, сега мора да стори сé што е можно за да ги доведе на сигурно своите сонародници и Авганистанци, кои им помагале со години.

Брзиот колапс на авганистанската влада и нејзините вооружени сили, како и фактот дека Талибанците ја преземаа власта без отпор, фрлија долга сенка, оцени претседателот.

„Неуспехот на нашите долгогодишни напори да изградиме стабилна и одржлива заедница во Авганистан, поставува основни прашања за минатото и иднината на нашата надворешна политика и воен ангажман“, рече Штајнмаер.

„Се отвораат ‘горчливи прашања’, на кои треба да се одговори искрено и темелно. И тие одговори мора да се бараат заедно во НАТО. Затоа што без тој сојуз и солидарност немаше да одиме во Авганистан пред 20 години“, потсети германскиот претседател.

Владата во Берлин, пак, ја прекина помошта за развој на Авганистан, изјави надлежниот министер Герд Милер. Сите германски и странски претставници на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), кое е одговорно за развојната помош, безбедно го напуштија Авганистан.

Таа земја досега беше најголем примател на германска развојна помош, а само оваа година требаше да бидат исплатени 250 милиони евра. Од таа сума, досега ништо не е платено на Авганистан, пишуваат германските медиуми.