Темите поврзани со безбедноста на интернетот особено станаа популарни во време кога светот живее виртуелно поради пандемијата. Во овој период, светските медиуми информираат дека постои тренд кај армиите на државите да се развиваат и обучуваат т.н. војници хакери. Нивното дејствување е забележливо во сајбер-просторот во повеќе држави низ светот во време кога беснеат локални конфликти на терен

Нови концепции и доктрини за водење војни

Колку една армија е добро обучена да војува во случај на воен конфликт може да се препознае по тоа како нејзините војници ги увежбуваат воените маневри. Ова е честа забелешка на безбедносните аналитичари кога ја оценуваат подготвеноста на една војска да ја заштити својата држава. Меѓутоа, оваа дефиниција, според повеќе показатели, може да се примени и на сајбер-полето, односно на територијата на која сега војуваат модерните армии.
Порталот „Ал џезира“, во своја анализа на тема поврзана со безбедносната и сајбер-војувањето, пишува дека изминативе 30 години светот е доста променет во однос на употребата на интернетот, а армиите на глобално ниво на големо вложуваат во обуките на т.н. војници хакери и се подготвуваат за хибридно војување. По 2000 година, а особено со брзиот развој на компјутерите и растот на корисниците на интернет, ја претворија глобалната мрежа во легитимно „бојно поле“ за 21 век, наведува медиумот. Денес компјутерските експерти, популарно наречени хакери, се исто толку важни за безбедноста и одбраната на една земјата како и пилотите, морнарите или тенковските екипажи.

Активни сајбер-војни на Блискиот Исток и во Источна Европа

Во меѓувреме, светските медиуми пишуваат дека во моментов подалеку од очите на љубопитната јавност се водат неколку „судири“ во интернет-просторот. Еден од поголемите вакви судири, а за кои малку е информирана јавноста, е сајбер-војната меѓу Хезболах и Израел на Блискиот Исток. Имено, во виртуелниот свет добро обучени хакери на милитантната организација секојдневно војуваат со државата Израел, користејќи софистицирани компјутерски алати со кои се декодираат информации, се прислушуваат радиоуреди, но и се одземаат средства од банкарски системи во земјата и цивилите. Од она што е познато, овие елитни „интернет-војници“ се добро обучени и поддржани од НСМА, групација што има блиски конекции со Иран.
Слично на ова војување, во моментов се одвива и меѓу Украина и Русија. „Еу обсервер“ пишува дека и Европа не е поштедена од упадите во безбедносните системи на државите од страна на хакерите, за што сведочат секојдневните објави во медиумите на оваа тема.

НАТО вложува во сајбер-одбраната

Магазинот „Форин полиси“, од друга страна, во своја анализа поврзана со безбедноста и сајбер-просторот, исто така пишува дека во изминативе неколку години НАТО редовно спроведува воени симулации за сајбер-војување внатре во Алијансата, меѓу нејзините земји-членки против имагинарен непријател. Иако со овие вежби се тестираат сите врски, мрежи и уреди во воениот пакт, со намера да се открие нивната ранливост од евентуален сајбер-напад, сепак исходите од овие виртуелни игри се речиси сосема невозможни и спротивни по многу нешта во реалноста. Доколку НАТО сака да увиди како вистински изгледа сајбер-напад во еден хаотичен виртуелен свет со повеќе актери, тогаш воената организација ќе треба да вклучи и вистински хакери во своите воени симулации.
– Неодамнешните откритија за хакирањето на американските министерства за финансии и трговија и на американската национална администрација за нуклеарна безбедност, која сè уште е во развој, покажуваат дека сè може да стане цел на напад во сајбер-просторот, па дури и цивили и оружја за масовно уништување. Токму поради тоа НАТО се обиде да направи паралелен виртуелен свет со држави што ќе ги вклучат своите воени и безбедносни институции во веќе испробани стратегии во воените вежби. Иако резултатите од виртуелните увежбувања меѓу актерите во принцип се солидни, тие во исто време не можат вистински да се пресликаат на терен и да се употребат – пишува „Форин полиси“.

Западен Балкан заглавен во 1990-тите?

Паралелно на ова, медиумот „Ал џезира“ анализира дека земјите од Западен Балкан сѐ уште се обидуваат да ги зајакнат веќе постојните воени единици, според многумина наследени од времето на ЈНА, но многу малку вложуваат во сајбер-одбрана и обука на единици за виртуелно војување, кои се иднината на војските.
– Огромното количество оружје и воена опрема навистина потекнуваат од времето на СФРЈ, иако во последните години интензивно се работи на модернизација и компјутеризација на армиите, а паралелно и на неколку други колосеци. Најдалеку во моментов напреднале земјите-членки на НАТО, Црна Гора и Македонија, додека Србија најмногу се потпира на сопствената воена индустрија и набавката на оружје и опрема од странство, пред сѐ од Руската Федерација, како и од европските земји – пишува интернет-порталот на „Ал џезира“.