Американскиот претседател Доналд Трамп и поранешниот потпретседател Џо Бајден ќе се соочат во три дебати пред закажаните американски претседателски избори на 3 ноември. Посебна дебата е закажана за нивните потпретседателски кандидати Мајк Пенс и Камала Харис

За разлика од претходните години, овој пат ќе биде присутен само еден модератор во секоја дебата, затоа што протоколите наметнати поради пандемијата наложуваат што помалку лица на сцена.
Според непартиската Комисија за претседателски дебати, модератори ќе бидат Крис Валас од „Фокс њуз“ за дебатата на 29 септември што ќе се одржи во Кливленд, Стив Скали од „Си-спан“ ќе ја води дебатата на 15 октомври во Мајами, а Кристен Велкер од „Ен-би-си“ ќе биде модераторка на 22 октомври во Нешвил, Тенеси. Сузан Пејџ од „Ју-ес-еј тудеј“ ќе ја води потпретседателската дебата на 7 октомври, која ќе се одржи во Солт Лејк Сити меѓу актуелниот потпретседател Мајк Пенс и демократската сенаторка Камала Харис.

Претседателските кандидати немаат право да стават вето на модераторите што ги избира Комисијата за претседателски дебати. Сите дебати се закажани од 21 ч. до 22.30 ч. по локално време (2 ч. – 3.30 ч. по западноевропско време) без реклами.
Соочувањата на Трамп и Хилари Клинтон во претходната предизборна претседателска кампања ги следеа просечно 74 милиони американски телевизиски гледачи.