Ценетата фауна на Австралија е симбол на контитентот кој не наликува на ниту еден друг на Земјата. Додека милиони страдаат во пожарите, сите тагуваме, пишува Ели Хант

Нивните тела беа натрупани покрај патот, едвај видливи низ чадот од пожарите. Десетици, можеби и стотици кенгури што се обиделе да избегаат од огнот и настрадале. Ваката глетка, снимена од автомобил што се движел кон Батлоу во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, потсетува на бојно поле по завршената битка помеѓу дивиот свет и огнот, во која победникот е јасен, пишува Ели Хант во нејзината колумна за „Гардијан“, насловена „Светот ги сака кенгурите и коалите. Сега ги гледаме како умираат во глутници“.

Австралија гори. Најмалку 23-ца луѓе ги загубија животите од октомври минатата година, а додека голем дел од континентот уште е зафатен од пожарите, и покрај тоа што се очекува сезоната на пожари да биде најактивна во февруари, со што е извесно дека таа бројка ќе се зголемува. Размерот на уништување е огромен – цели градови се збришани, а илјадници седат на плажите додека чекаат војската да ги евакуира.

Но остатокот од светот е ужаснат додека гледа во стравичните слики на кои е прикажан големиот удар врз дивиот свет во Австралија. Кенгур изгорен од пламените јазици. Настрадано младенче кое било јагленосано додека уште се држело за оградата на која налетало. Повредени коали со сериозни изгореници – тоа се фотографиите со кои се проследени бројните апели за помош.

Моќта на овие слики го доловува влијанието кое австралискиот див свет го има врз нашата колективна свест. Дури и доколку не знаете ништо друго за Австралија, ќе знаете за кенгурот Скипи, исто како и за коалата, дингото и другите животни. Дури и ако посетата на Австралија ви е далечна, нејзината фауна веднаш ви е препознатлива и претставува симбол на древен континент што не наликува на ниту еден друг.

Проценките на еколозите на универзитетот во Сиднеј велат дека пола милијарда животни се погодени од пожарите од септември минатата година, само во Нов Јужен Велс. Коалите и кенгурите се лицата на опустошените екосистеми кои беа ранливи и без пожарите и кои можеби никогаш нема да закрепнат од катастрофата, заклучува Хант.