Жителите и туристите во Австралија за „Њујорк тајмс“ ги споделија своите сведоштва за пожарите во кои досега загинаа 24 луѓе и беше опустошена територија поголема од Данска. 

Се разбудивме во вторникот наутро, во Мистери Беј, при црно небо в зори, наспроти облак за кој сум сигурна дека е страшен како бомба врз нашите глави. Ги грабнавме нашите работи кои ги спакувавме претходната вечер и се упативме кон центарот за евакуација во Нарума, Нов Јужен Велс. Пожарот донесе силни ветришта, грмотевици, а потоа имаше дожд накратко. Имаше грозоморна тишина прекината само на моменти од вознемирувачкиот звук на сирените. Куќите се рушеа, дрвјата паѓаа при експлозиите  – вели Елизабет Ворен.

Луси Најт се засолнила со нејзините три деца додека огнот се ширел во Роздејл.

– Се засолнив во Роздејл Бич со моите три мали деца додека огнот се ширеше. Нашите деца спасија една птица што беше во лоша состојба поради чадот. Нашата семејна куќа беше поштедена но потресени сме од разурнувањето во нашиот сакан Роздејл – објаснува Луси Најт. 

Случувањата во Австралија наликувале на апокалиптичен филм, според Ен Фогарти.

Кампувавме на јужниот брег во Нов Јужен Велс кога избија пожарите. Бевме евакуирани во прифатен центар на осум километри од нашиот камп, набрзина фрлајќи неколку работи во автомобилот и оставајќи го шаторот зад нас. Тоа беше како во апокалиптичен филм со автомобили во редици за гориво, празни полици во маркетите и прекини во снабдувањето со електрична енергија и во телекомуникациите – раскажува Фогарти.