Коен (лево) и Трамп

Можноста за подарување на апартман вреден 50 милиони долари во облакодерот „Трамп тауер“ во Москва, на рускиот претседател Владимир Путин, наводно била разгледувана, според Феликс Сатер кој работел на проектот за изградба на луксузната кула заедно со Мајкл Коен, пренесува Си-ен-ен. Пропаднатиот обид за изградба на објектот претставува основа за судските обвиненија против поранешниот адвокат на Доналд Трамп, Коен, кој е тесно поврзан со случајот.

Сатер, кој е некогашен соработник на американскиот претседател, ја опишал идејата како „маркетиншки трик“, објаснувајќи дека целта била да се зголеми вредноста на имотите и атрактивноста за купувачите, преку присуството на Путин во зградата.

Коен бил адвокат на тогашниот претседателски кандидат Трамп, кога предлогот, наводно, бил актуелен. Според тврдењата во американските медиуми адвокатот дискутирал за идејата со претставник од кабинетот на рускиот претседател. Луксузниот апартман проценет на 50 милиони долари требало да биде подарок за Путин.

Не е јасно дали Трамп бил информиран за ваквата идеја, што Коен одби да го коментира. Адвокатот на американскиот претседател, Руди Џулијани, ја негираше приказната.

– Приказната е приказна. Претседателот никогаш не слушна за неа и ваквиот концепт не стигна подалеку од неосновано писмо за намера, односно никогаш немаше предлог или официјален документ за договор – категоричен е Џулијани.

Коен, пак, се изјасни за виновен за лажно сведочење пред американскиот Конгрес во врска со проектот за „Трамп тауер“ во Москва. Обвинетиот тогаш тврдел оти проектот завршил во јануари 2016 година, а било откриено оти тој дискутирал за идејата со Сатер и во текот на претседателската кампања во САД, подоцна истата година. Според обвинителството, Коен се обидувал да стекне поддршка од руските власти за реализација на проектот, во јуни 2016 година.