Иран има складирано дванаесет пати поголемо количество ниско збогатен ураниум од законската граница дозволена според нуклеарниот договор од 2015 година, соопшти во средата Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА).

Агенцијата за нуклеарно набљудување на ОН ги презентираше своите откритија во доверлив документ дистрибуиран до земјите-членки, до кој дојдоа и новинските агенции.

– ИАЕА соопшти дека на 2 ноември Иран имал во залиха 2.442,9 кг ниско збогатен ураниум, за разлика од 2.105,4 кг пријавени на 25 август. Нуклеарниот договор што Иран го потпиша во 2015 година со светските сили му дозволи да чува во залиха само 202,8 кг – објави „Ал џезира“.

Иран продолжи да збогатува ураниум до чистота до 4,5 отсто, според извештајот на ИАЕА, со што го крши прагот од 3,67 отсто дозволен според Заедничкиот сеопфатен план за акција (JЦПОА), или иранскиот нуклеарен договор, договорен со посредство на Барак Обама.

ИАЕА во својот извештај наведе дека објаснувањата на Техеран за присуството на нуклеарен материјал откриен на непријавена локација во Иран не се веродостојни. Иако иранските власти ѝ доставија на ИАЕА некои информации за непријавената нуклеарна локација, агенцијата го извести Иран дека продолжува да смета дека одговорот на Иран не е технички веродостоен, се вели во извештајот.

– Потребно е целосно и навремено објаснување од Иран во врска со присуството на честички од ураниум од антропогено потекло на локација во Иран што не е пријавена на Агенцијата – додаде ИАЕА.

ИАЕА сè уште ги анализира примероците земени во септември од две осомничени поранешни нуклеарни локации во Иран, кои беа отворени за инспекторите оваа година“, објави Би-би-си во четвртокот.

Сателитските снимки објавени кон крајот на минатиот месец покажуваат дека Иран неодамна започнал градежен проект на својата нуклеарна локација „Натанц“. Асошиејтед Прес на 28 октомври објави дека Техеран почнал да гради „нов или преработен пат кон југот на Натанц, кон поранешен полигон за безбедносните сили во објектот за збогатување. Новинската агенција цитираше слики од „Планет лабс“ со седиште во Сан Франциско.

Веста за градежниот проект следеше кратко откако шефот на Организацијата за атомска енергија на Иран (АЕОИ), Али Акбар Салехи, за иранските државни медиуми на 8 септември изјави дека властите ја заменуваат надземната сала за производство на нуклеарно оружје на Натанц – уништена во експлозијата на 2 јули – со подземна напредна постројка за склопување центрифуги во планините околу Натанц.