Судирот околу Ерусалим има посебна тежина поради симболиката на градот во кој се сретнуваат три моноетнички вери

Стотина проектили од Појасот Газа истовремено полетаа кон израелската метропола Тел Авив на почетокот на воената престрелка меѓу израелските сили и Хамас. Дождот од проектили не можеше да го пресретне противракетниот систем на Израел, наречен „Железна купола“. Во градот владееше целосен хаос, беа погодени многу станбени објекти, уништени автомобили и згради, имаше и загинати. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави одговор со „полна сила“. Според зборовите на началникот на Генералштабот, Авива Кохави, армијата бомбардира околу петстотини цели во Газа. Израелските ракети ја урнаа зградата во центарот на Газа во која наводно биле канцелариите на раководството на Хамас. Израел претходно го најави нападот за да може луѓето навреме да се евакуираат. Ова се извештаите од новинските агенции за новата тридневна војна, која почна во светиот град Ерусалим
Водачот на Хамас, Исмалил Хуније, овој удар го претстави како обид да му се возврати со ракетирање на Тел Авив.
– На сите им кажавме дека Израел го потпали огнот во Ерусалим и кај џамијата „Ал акса“. Затоа Израел е одговорен за последиците – рече Хуније.
Освен ракетирањето, деновиве имаше и улични судири на Западниот Брег, како и во израелските градови во кои живеат Арапи, пренесе „Дојче веле“. Во Лод кај Тел Авив, Палестинците запалија синагога и повеќе автомобили. Во нередите еден еврејски жител со огнено оружје застрела еден Палестинец. Во градот владее вонредна состојба.

Почеток на насилствата

Насилствата ескалираа на 10 мај, кога во судирите во Ерусалим беа повредени околу 300 Палестинци и дваесетина полицајци. Полицијата влезе во џамијата „Ал акса“, а Палестинците тоа го сфатија како сквернавење на оваа исламска светост. Истиот ден Евреите го славеа Денот на Ерусалим, годишнината од заземањето на Источен Ерусалим, во шестдневната војна во 1967 година.
Масовните протести на Палестинците почнаа поради најавата дека некои семејства ќе бидат иселени од куќите, кои порано им припаѓале на Евреите во арапскиот кварт Шеик Џарах. Според законот, Евреите, чии предци оттука биле протерани во војната во 1948-та, можат да ги добијат куќите назад. Ова правило не важи и за протераните Палестинци. Коментарите на некои аналитичари се дека изворот на судирот повторно е Ерусалим, светиот град и за Евреите и за муслиманите. Леволибералниот берлински весник „Тагесцајтунг“ пишува дека долго време се собирал бесот на Палестинците, поради нееднаквост и дискриминација.
– Тој е насочен против радикалното израелско движење, кое е финансирано од САД, и против протерувањето на Арапите од Источен Ерусалим и Западниот Брег. Последните денови гледаме востание против системското делегитимирање на палестинското постоење на Блискиот Исток. Но на палестинската страна ѝ штетат исламистите од Појасот Газа. Организацијата Хамас и Исламски џихад не ги тероризираат само невините во Ашкелон, Ашдот и Ерусалим, тие им штетат и на Палестинците – пишува „Тагесцајтунг“.
Новите судири доаѓаат во политички чувствителен момент, во кој некои политичари гледаат и повод за воена пресметка. Палестинскиот лидер Махмуд Абас ги одложи изборите на кои неговиот умерен Фатах ќе помине полошо од радикалниот Хамас, кој сака да се претстави како единствен заштитник на Палестинците. Од друга страна, израелскиот премиер Нетанјаху и натаму не може да состави влада и има свои интереси да ја заостри состојбата. Израелците по петти пат во две години ќе мораат повторно на избори.

„Железна купола“

Израелскиот весник „Ерусалим пост“ во својата анализа се осврнува на тоа дали заврши периодот на доминација на израелскиот систем за противракетна одбрана „Железна купола“, а го постави и прашањето дали Иран и Хезболах научиле нешто од палестинскиот Хамас. Долго време извори на разузнавачката служба на Израел предупредуваа дека Хезболах има доволно проектили да го нападне Израел со 500 ракети дневно, што би го пробило националниот штит за воздушни напади. Процените се дека палестинските сили поседуваат 150 илјади ракети, а меѓу нив има и со напредна опрема. Во претходните судири, Хамас можел да истрела по 50 ракети дневно, а голем дел од овие проектили бил насочен на коридорот Газа, поради малиот дострел. Но во вторникот и средата Хамас во два наврата истрела повеќе од 100 ракети во рок од неколку минути, а меѓу нив голем број од проектилите беа упатени и кон Тел Авив.

– Ова е скок во бројот на ракетите што тргнале кон Тел Авив. Прашање е дали Хамас поседува само стотина ракети што можат да достигнат и до Тел Авив, како што беа процените на разузнавачките служби. Но доколку Хамас има повеќе од овие проектили, тогаш може да влијае на израелските воени планови, особено за време на оваа војна и, секако, на чија страна е времето. Ако „очајниот“ Хамас може да го пробие противракетниот штит со сто ракети, колку штета може да нанесат Хезболах и Иран, кои поседуваат многу помоќни и повеќебројни ракети – пишува „Ерусалим пост“.
Судирот околу Ерусалим има посебна тежина поради симболиката на градот во кој се сретнуваат три моноетнички вери. Источен Ерусалим е дел од Ерусалим источно од зелената линија на демаркацијата меѓу израелските сили и Палестинците (според примирјето од 1949-та и границата од 1967-та). Во него се наоѓаат Стариот Град и светите места на муслиманите, на Евреите и христијаните, Ѕидот на плачот, Црквата на Светиот гроб, џамијата „Ал акса“. Израелско-палестинскиот судир во последните години беше во втор план, а идејата за две држави избледе. Во меѓувреме на палестинската територија се населија околу 600 илјади еврејски доселеници. Решението според кое се преговара последните триесет години, од договорот во Осло во 1993 година и од историското ракување на Јасер Арафат и Јицак Рабин, се чини повторно е далеку, коментираат меѓународните политички аналитичари.


Израел во средата одговори со воздушни напади на истреланите ракети од Газа, во најтешкото насилство што избувна по конфликтот во 2014 година, кој траеше 50 дена, загинаа десетици луѓе, а не се донесе никакво решение. Над Газа се издигна сив чад откако Израелците погодија две станбени згради во воздушните напади и целеа на неколку безбедносни инсталации на милитантната група „Хамас“, уништувајќи го централното полициско подрачје.
„Хамас“ и други милитантни групи истрелаа стотици ракети од Газа врз Израел, поради што во неколку наврати беше оптоварена неговата ракетната одбрана, беа вклучени сирени за опасност, а експлозии одекнаа во Тел Авив, најголемата метропола, како и во други градови. На ракетните напади им претходеше локално насилство, кое изби во неколку мешани еврејско-арапски градови во Израел, при што беа запалени еден еврејски ресторан и синагога, смртно беше застрелан еден Арап и беа демолирани повеќе арапски автомобили.
Засега нема знаци на повлекување од двете страни. Премиерот Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ја прошири офанзивата и порача дека „ќе биде потребно време“ додека „Хамас“ повика на востание. Последното востание почна во 2000 година и траеше повеќе од пет години.