Она што ние во Иран – цел на злобен и недискриминирачки режим на санкции – го видовме од сегашната администрација на САД е многу јасно: не постои голема визија за една алтернативна глобална заедница. Цврстината и непредвидливоста на САД немаат никаква врска со маестрално спроведување на теоријата на играта. Наместо тоа, дали станува збор за негово (погрешно) менаџирање со ковид-19 дома или за негово поткопување на мирот и стабилноста во странство, сегашниот режим во Вашингтон нема вистински план, освен фронтално да ги нападне оние што се придржуваат кон владеењето на правото.
Справувањето од страна на САД со Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ООН, која одобри – и е нераскинлива од – Заедничкиот сеопфатен план на дејствување (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPОA), попозната како ирански нуклеарен договор, е пример што го илустрира она за што станува збор.

Во јули 2015 година, Иран, САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија потпишаа значаен договор за да задоволат какви било грижи за исклучиво мировната природа на нашата нуклеарна програма, истовремено ослободувајќи го иранскиот народ од нехуманите и неправедни санкции. Како дел од JCPОA, САД и другите потписнички, исто така, заедно ја спонзорираа Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ООН, која ја опфаќа нуклеарната спогодба – и на која се приложени нејзините цели 90 страници, со што се вгради договорот во меѓународното право. Сепак, во мај 2018 година американската администрација изјави дека еднострано се одлучила за „престанување на учеството“ во JCPОA. Оттогаш, Иран и остатокот од меѓународната заедница се оставени во невообичаена положба да гледаат како САД стануваат прва влада во историјата на ООН, која не само што крши обврзувачка резолуција што самата ја спонзорираше туку ги казнува и оние влади и компании што го поддржуваат меѓународната закон со спроведување на неговите одредби. Како што го предупредив Советот за безбедност минатиот месец, ова статус кво не е ниту пожелно ниту одржливо. На тој начин сега се наоѓаме на крстопат.

Кампањата за дезинформација на администрацијата на САД – вклучувајќи ги и лажните и фалсификувани тврдења во врска со регионален консензус – за последиците за преостанатите потписнички на JCPОA, кои ги поддржуваат одредбите на договорот – вклучувајќи и нормализирање на иранската одбранбена соработка со светот во октомври – е трик за маскирање на нејзините реални уште позлонамерни мотивации: откако не успеаја да ја срушат Резолуцијата 2231 по повеќе од две години на најбруталниот „максимален притисок“ некогаш наметнат на една нација – вклучувајќи и лишувањето на обичните Иранци од пристап до лекови и медицинска опрема среде најсмртоносната пандемија што светот ја видел во многу децении – САД сега се надеваат дека ќе го злоупотребат нивното погрешно толкување на одредбите од истата резолуција што ја напуштија во 2018 година за конечно да ја уништат. Ова длабоко злонамерно однесување на САД е евидентно во целата ООН, каде што се обидуваат да ги искористат самите ООН за ефикасно уништување на ова светско тело.

Постојат некои клучни прашања и последици што треба да се земат предвид во оваа равенка. Прво и најважно, може да се запрашаме зошто или како распаѓањето на една единствена резолуција на Советот за безбедност на ООН за целисходна тема се однесува на поголемата слика. Тоа го прави, бидејќи што е најзначајно тоа би било генерациски неуспех за каузата на мултилатерализмот доколку Советот за безбедност се малтретира за торпедирање на сопствената резолуција. Освен ако сите сили не ги почитуваат принципите што Советот е создаден да ги отелотвори, тој не може да ги извршува своите должности, ниту, пак, која било нација може да го признае неговиот авторитет. Не треба да заборавиме дека истиот режим на САД залудно се повлече и од СЗО во услови на најлошата глобална пандемија, но сега се обидува да го води процесот на реформите во СЗО, до понижување на своите најблиски западни сојузници.
Доколку на Соединетите Американски Држави им се дозволи да продолжат по оваа патека, светот ќе се лизне наназад кон стандардот „моќта го чини правото“. И додека ова можеби звучи привлечно за студените воини кои бараат нови цели, дури и тој стандард ги има своите граници.

Бидејќи и двете суперсили од минатиот век беа сведоци на разоткривањето на нивното меѓународно влијание во нивниот воен пораз во Авганистан, земја со БДП што е 14 пати помал од годишните приходи на „Ејпл инк“.
Исто така, видовме во изминатите години како американската администрација – паралелно со нејзиниот напад врз меѓународните институции и договори – се обидуваше да го замени меѓународното право со своите домашни закони. Во практика, ова значеше дека сега американското министерство за финансии, а не европските национални влади, е тоа што одлучува со кого европските компании можат да прават бизнис – било да е тоа според Резолуцијата 2231 или Северниот тек од кого тие толку многу животно зависат.
Додека досега првенствено се САД што бараат да ја прошират јурисдикцијата на нивните домашни закони, нема ништо што би сугерирало дека ќе го задржат монополот врз тоа.

Со отворањето на оваа Пандорина кутија и со самозадоволство од страна на некои национални влади, не е тешко да се замисли иднина каде што обичните граѓани и приватните претпријатија ќе мораат да се задоволат со вонтериторијална примена на повеќекратна и сѐ поголема низа на домашните закони – ослабувајќи ги меѓународното патување, трговија и инвестиции во ретрограден чекор за нашиот глобализиран свет. Така, меѓународната заедница воопшто – а особено Советот за безбедност на ООН – се соочуваат со важна одлука: дали сме за зачувување на почитувањето на владеењето на правото или се враќаме на законот на џунглата?
Додека Иран ги има докажано својата цврстина и решителен одговор на принудното малтретирање, јас сум убеден дека – во следните неколку критични недели и месеци – членките на Советот за безбедност ќе ја побијат борбената кампања на опсадната администрација на САД да го претвори она што беше дипломатско достигнување на 21 век во вежба во залудност, и во овој процес да се уништи она што е останато од мултилатерализмот и меѓународниот закон.

Мохамед Џавад Зариф, министер за надворешни работи на Иран