Јужнокореецот Ким Јонг-јанг е избран за нов претседател на Интерпол, победувајќи го фаворитот за оваа функција, рускиот кандидат Александар Прокопчук. Критичарите на Кремљ тврдеа за Прокопчук дека е близок со рускиот претседател Владимир Путин, а против неговата кандидатура жестоко лобираа Белата куќа и нејзините европски партнери.

– Нашиот свет сега се соочува со промени без преседан, кои претставуваат големи предизвици за јавната безбедност и сигурност. За да ги надминеме, потребна е јасна визија, потребно е да изградиме мост за иднината – порача Јанг по гласањето за нов шеф на Интерпол, кое се одржа во Дубаи.

Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео претходно изјави дека САД цврсто го поддржуваат јужнокорејскиот кандидат за Интерпол, а Јанг претходно го поддржаа и американскиот Совет за национална безбедност и повеќе американски сенатори. Пред самото гласање, тие испратија соопштение до јавноста, во кое наведоа дека остро се противат на изборот на Прокопчук. На ова реагираше и Кремљ, кој го осуди апелот на американските сенатори до делегатите на Интерпол, од кои побараа да гласаат против рускиот кандидат. Според официјална Москва, станува збор за мешање во изборите на една меѓународна организација.

Од друга страна, „Фајненшл тајмс“ пишува за злоупотребата и политизирањето на Интерпол. Весникот го наведува примерот на Бил Браудер, активист и критичар на Кремљ, кој беше уапсен во Мадрид по потерница од Русија. Браудер беше пуштен на слобода за неколку часа откако шпанските власти, по консултација со Интерпол, утврдија дека тој не е баран, но оти бил уапсен врз основа на претходно барање на Русија, кое Интерпол го укинал. Според него, Москва дури седум пати се обидела да го искористи Интерпол, за да го испорача во Русија, поради тврдењата дека учествувал во затајување данок.

– Ако постои случај што покажува како Интерпол не функционира или не функционира контролата на Интерпол, тогаш тоа е мојот случај. Интерпол не е подлежен на никаква јурисдикција. Тој е целосно имун на какви било предизвици – додава Браудер.

Тој истакнува дека Интерпол и натаму ги затвора очите пред исчезнувањето на некогашниот директор Менг Хонвеј минатиот месец во Кина. За критичарите на Интерпол, аферата Менг и обвиненијата од луѓе како Браудер се знаци на сѐ поголема болест и укажуваат на проблемите на организацијата, како знак на растечката самоувереност на авторитарните влади и тешкотиите на меѓународните институции во соочувањето со подемот на национализмот.

– Навистина е симболично ова распаѓање на мултилатералните институции, особено на оние што се засноваат врз западните либералнодемократски вредности – оценува Џонатан Рајх, адвокат што работел со руски бизнисмени и антикорупциски дисиденти, прогонувани од Интерпол.