Во случајот за импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп, се чини дека Демократската партија бега од она во што се впушти. Тоа го тврди Трамп во низа твитови во кои ги обвини демократите дека немаат докази, а покренатата постапка за импичмент претходно ја нарече „самоубиствен марш за демократите“. Случајот е во ќор-сокак. Додека демократите бараат време, Трамп бара веднаш да застане пред Сенатот и да му се суди, пренесува Би-би-си.

Но, Демократската партија одби да ја почне процедурата за импичмент, со изговор дека Сенатот е под влијание на републиканците и оти поради тоа одбива да сослуша сведоци и да одржи фер процес.

Долниот дом на Конгресот, каде што демократите се мнозинство, донесе предлог за отповикување на Трамп. Двете точки за кои Трамп е обвинет се  злоупотреба на службената должност и опструирање на Конгресот. Но, Сенатот е понаклонет кон Трамп отколку Претставничкиот дом, бидејќи во него мнозинство имаат републиканците.

Во серија објави на социјалната мрежа Твитер, Трамп посочи дека демократите се плашат веднаш да се одржи гласањето за импичмент бидејќи „нивната ситуација е навистина лоша“.

– Откако демократската партија не ми дозволи фер сослушување во Долниот дом, без адвокати, сведоци и докази, тие се обидуваат да му кажат на Сенатот како да го води судењето. Тие се без докази, а мислам дека воопшто и нема да присуствуваат кога ќе се одржи судењето. Сакаат да избегаат од ситуацијата во која се најдоа. Јас сакам судење веднаш – напиша Трамп на својот Твитер профил.

За случајот со судењето за отповикување да продолжи, Долниот дом треба да ги предаде написите за импичмент на Сенатот. Но, претседателката на Домот, Ненси Пелоси, одбива да го направи тоа, додека условите во Сенатот се неприфатливи за Демократската партија. Демократите бараат анајмалку четворица актуелни и поранешни помошници од Белата куќа кои имаат докази за аферата со Украина да сведочат на судењето. 

Ваквите услови за судење ќе бидат одредени од Мич Мекконел, лидерот на републиканците во Сенатот, а демократите бараат тој да достави и објави кои сведоци и докази ќе бидат дозволени. Од 100 места во Сенатот, 53 се на републиканците, а за импичментот да се реализира потребно е двотретинско мнозинство.

– Ова е еден од најизбрзаните, најмалку промислени и најнеправедни случаи за импичмент во историјата на нашата земја – изјави Мекконел.