Жолтите плакати на Националната партија на Шкотска (СНП) можат да се забележат низ предградието Саутсајд во Глазгов со цел да се изрази лојалност за жената која може да ја одведе нејзината држава кон „ветената земја“, пишува „Блумберг“.

Независноста за Шкотска е најважното нешто во мојот живот, покрај моите деца – вели 71-годишната Маргарет Сим која волонтираше во изборната кампања на СНП во Глазгов и таа има доверба дека премиерката Никола Старџен ќе ја оствари оваа цел.

– Во иднина, таа е најдобрата надеж што ја имаме за независна Шкотска – смета Сим.

За многумина жители на Глазгов, како и на Шкотска, изборната победа која СНП ја прогласи изминатиот викенд беше очекувана. Сега се поставува прашањето колку победата е убедлива и како ќе може да го засили барањето за нов референдум за независност од Обединетото Кралство. Коалицијата помеѓу СНП и Зелената партија би гарантирала парламентарно мнозинство кое се залага за независност.

Изборите одржани во четвртокот претставуваа битка за прашањето дали Шкотска треба да одржи уште еден референдум за растурање на заедницита со Англија и со Велс која опстојува повеќе од три века. Гласачкото тело од 5,5 милиони во Шкотска е поделено помеѓу оние кои се за независност и оние кои ја поддржуваат Унијата.

Старџен вели дека го обновила мандатот за да ја наговори британската влада да го прифати референдумот, додека британскиот премиер Борис Џонсон смета дека не треба да има нов референдум по оној во 2014 година. Шкотската премиерка изјави и дека би било апсурдно британската влада да ги игнорира желбите на народот и оти се надева дека нема да дојде до судска битка во однос на прашањето.

СНП освои 64 пратенички места од вкупно 129 во шкотскиот парламент во рамки на четвртата последователна изборна победа. А таборот за независност забележа напредок и преку резултатот на Зелената партија која освои осум места, што е зголемување за две во однос на претходните избори. Старџен сега се соочува со задачата за издејствување на референдум, за кој таа и нејзините гласачи се залагаат по брегзит.