Толкувај ме нежно

Насловот му го должам на нашиот млад поет Митко Гогов: суптилно го разоткри последниот облик на убивање на македонскиот јазик, со парафраза на стиховите на познатата балада „Убивајќи ме нежно“. А го убиваат не толку нежно, колку темелно и систематски. За тоа дури не се ни потребни шовинистичките и налудничави барања на Софија. Ние доволно добро го правиме тоа. Не измина ни еден ден од свечениот чин на промоција на Толковниот речник на македонскиот јазик (на која присуствуваа премиерот, претседателот и Царовска и Стефоска – за разлика од игнорирањето на поменот на Гоце Делчев) во свечената соба посветена на Крсте Мисирков во просториите на Институтот што го носи неговото име, а веќе орвеловштината почна да го јаде однатре. Полуписмени и недоучени НГО-активисти се најдоа изненадени и навредени од зборови што се дел на јазикот. Побараа цензура – и ја добија, во истиот миг. Се (с)огласија МОН, претседателот на Советот за македонски јазик и директорката на Институтот. И прекуноќ исчезнаа зборови! Исто како што исчезнува слободата на мисла и говор… и генерално слободата. Сакаат да го зауздаат јазикот, онака како што моделираат нации и народи. А дигиталното трпи сè: можеш со еден клик да избришеш зборови што се наводно непристојни и навредливи. Ова му доаѓа како показна вежба како ќе се кројат дигиталните учебници на Мила, особено оние по историја и општество.

Не знам дали е повеќе жално, патетично или смешно да бришеш зборови од речник, небаре со тоа ќе престанат да се користат во секојдневниот говор. А тоа не само што зборува за личната и морална корумпираност на оние што поради политички или енџиоовски резони примаат нарачки, туку го покажува гнилежот на системот во кој невозможното станува можно, во кој лингвисти и професори имаат помал авторитет од некои „активисти“ што сметаат дека Толковниот речник треба да биде политички/етнички/верски и не знам уште како коректен. За малку ќе настрадаа и зборовите „курва“ и оние за гениталиите – но засега не се избришани. Ги избришаа Циганите – за жал, на барање на Ромите (политичарите и невладините активисти). Зборот „Циган“ бил омаловажувачки, навредлив, дискриминаторски – небаре откако се/ги нарекоа Роми дискриминацијата престана. Но ние од постарите генерации растевме со „Белото Циганче“ на Видое Подгорец, „Цигански предзори“ на Славко Јаневски, со стариот Макар Чудра на Максим Горки, со филмот и музиката на „Циганите летаат на небо“, со збирката „Циганскиот романсеро“ на Лорка, со звуците на „Џипси кингс“ и Пако де Лусија, ги пееме уште стиховите на „Азра“ и Џони Штулиќ (Балкане мој) и на Балашевиќ (Дуњо моја), се радува(в)ме на циганското лето итн. Со други зборови, мислевме дека да се биде Циган не е нешто лошо – лош е третманот на таа популација, која дури и ако е внесена во Уставот, јазикот е официјален во општините каде што тоа население има мнозинство, сепак е на маргините на општеството. Ромските политичари не го дигнале гласот против реалните состојби, понижувања и системска дискриминација, но им пречеле речникот и зборот „Циган“.
Каква кусогледост е да помислиш дека оние што стигматизираат и навредуваат најнапред прелистуваат речници за да најдат соодветни зборови и пцости! Можеби за младите генерации што растат и со некаква извртена идеја за прогресивност (woke) и изигруваат „снегулки“ (лесно навредливи лица) ова е дури и „европеизација“ и упристојување на говорниот речник. Но суштински станува збор за невиден преседан на (само)кастрација и стерилизација на сопствениот јазик поради нечии „чувства“. А како што посочи мој колега од класични студии, денес можете лесно да најдете изрази од латинскиот што можеби ќе згрозат некого (а можеби и ќе го израдуваат, не знам – веќе е тешко да се прогнозира кој како ќе реагира на некој израз со сексуална конотација). Пробајте со зборот irrumo (го има и во Оксфордскиот речник на латинскиот јазик, од 1982, а и онлајн се наоѓа лесно).

Имам чувство (нели, сите со чувства, па еве и јас веројатно имам право да се чувствувам навредено) дека фигуративно употребено, значењето на зборот irrumo, одговара токму на она што ни го прави една неписмена, арогантна и насилничка багра. Лингвистите, особено дел од авторите на Речникот, попусто објаснуваат дека секој толковен речник има цел да ги забележи сите зборови што го сочинуваат корпусот на еден јазик, вклучувајќи ги и оние што се сметаат за погрдни, навредливи, непристојни и слично. Впрочем, и пцостите се дел на секој јазик. Но, овде станува збор за „онаквување“ и на јазикот и на умот и на науката, која е сведена на прислужничка на IQ33.
А, ако размислам подобро, зошто воопшто се скандализираме (сега, толку доцна) и дали имаме право на тоа (ние, Македонците)? Па цензурата поради нечии чувства не е нова работа. Овде кетмани имало секогаш отповеќе. Се сеќавате на онаа Енциклопедија на МАНУ? А како ќе се сеќавате кога минаа 11 години од нејзината промоција, на која покојниот академик Старделов рече дека е тоа „првата македонска енциклопедија ослободена од туѓи историски наслојки и толкувања, која резултира од принципот на мултикултурализмот, а не од етноцентризмот. Тоа не е само енциклопедија на македонскиот народ, туку и на македонската држава“. Гане Тодоровски додаде дека објавувањето на Енциклопедијата, првпат во името на национална и престижна државна институција, ќе успее троа од троа да ги смири инертните наши непромислени противења и традиционални противници, на кои сме им до денешен ден трн во окото. Знаете зошто и како беше цензурирана и повлечена од печат (да не речам запалена)? Се собра група на „активисти“ со не баш демократска или граѓанска провениенција и се закани. Се чувствувале навредено од зборот на Ш. На тоа скокнаа и политичарите, кои кога меѓу себе се именуваат на Ш тоа не е навреда. Ок! Енциклопедијата се шири кришум, под рака, а македонската држава (која веќе и не е тоа, ни македонска, ни држава) останува единствена без Енциклопедија на свој јазик; сега и Толковниот речник ќе подлежи на „чистка“ (не знаеме до каде ќе одат, но зборовите „каур“, „ѓаур“ и „ѓуптин“ останаа). МАНУ, по бранот на напади и заканата по опстанокот на владејачката коалиција (исто како и сега), се повлече и остана нема. За време на потпишувањето на Преспанскиот договор, пред референдумот, а и по него (сè до неодамна), таа институција дури и активно учествуваше во легитимацијата на бришењето на сè што е на М.

Помалку е иронично да видите дека интернет-страницата на која се наоѓа електронското издание на Толковниот речник се вика www.makedonski.gov.mk. Па, така, излегува дека е сосема точно дека „македонскиот“ е под gov (владата), како што науката стана слугинка на моќта. А да биде уште посмешно: терминот „Цигани“ што предизвика бура бил вклучен уште во старото издание на речникот, цели седум-осум години никој не се наоѓал навреден! Но, сепак, она што е за неверување не е тоталитаризмот во постапувањето на власта и нејзината полиција на мислите (во ликот на разни „Цивили“ и слични, па и на надобудни интелектуалци), она што зачудува е отсуството на какво било чувство на навреденост кај Македонците! Нема постапка, нема чин, нема уцена, нема принуда, нема irrumo што тие нема да ја премолчат и прифатат. Со пропаднат референдум, со насилно и криминално менување на Устав и име, ние и натаму молчиме.

И правиме отстапки. Не сакам да бидам пророчица Касандра (повторно), но лесно може да ни се случи уште еден 30 септември, уште еден квазиреферендум, на кој „доброволно“ ќе се откажеме сосема од македонскиот јазик и македонските корени – заради влез во ЕУ! Оној момент кога ни забранија да се нарекуваме она што сме, а ние не дадовме силен отпор (каков би дал секој нормален народ), ние го изгубивме правото да се исчудуваме, да се буниме или шокираме. Но Толковниот речник ги содржи (сè уште) зборовите „изрод“, „будалштина“, „предавник“ – а дури и да ги избришат, ќе останат во колективната меморија за опис на едно време и на вождовите на идиотштината. Последниов збор во Толковниот речник е опишан вака: идиотштина. Именка, женски род, идиотско однесување, идиотски постапки, крајна глупост. Идиотштината ја разнебити организацијата. Јас би додала: и државата.