Демократскиот кандидат за претседател на САД, Џо Бајден изјави дека ќе го смени, како што рече, „неизбалансираниот пристап“ на администрацијата на Трамп кон Србија и Косово.

Тоа ќе се случи со обновување, на како што вели, правдата и еднаквоста во односите.

Во документот „Визија за односите со Албанија и Косово“, Бајден зборува за неговите планови за идните односи на Балканот и наведува дека како сенатор ги бранел интересите на Косово кога фокусот на светот бил на друго место и ја поддржувал неговата независност, што според него е неповратен процес, пишува приштинскиот портал „Репортери“.

Бајден ветува дека ќе работи во партнерство со Европската Унија за заживување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со цел стабилизирање, правично решение и сеопфатен договор кој, како што вели, ќе го почитува територијалниот интегритет на Косово и ќе постигне целосно заемно признавање.

Бајден исто така најавува дека ќе инсистира правдата за воените злосторства да се спроведува без страв и дека ќе бара целосна и брза одговорност за исчезнатите, вклучително и браќата Битичи, пренесува „Репортери“.