Британскиот премиер Борис Џонсон денеска го поздрави американскиот претседател Џозеф Бајден како „голем налет на свеж воздух“ затоа што тој сака да соработува со Лондон за голем број прашања, од климатските промени и Ковид-19, до безбедноста.
– Тоа е налет на свеж воздух. Тоа е ново, интересно и се трудиме многу. Разговаравме околу еден час и 20 минути. Тоа беше долг и добар разговор. Опфативме огромен спектар на теми – рече Џонсон за неговиот разговор со Бајден, пренесува „Ројтерс“.
Тој ги минимизираше несогласувањата со Вашингтон во врска со влијанието на Брегзит врз мирот во Северна Ирска, велејќи дека САД, Велика Британија и ЕУ се во „целосна хармонија“ во изнаоѓање решение за поддршка на мировниот договор од 1998 година.
На прашањето дали Бајден изразил загриженост за ситуацијата во Северна Ирска, Џонсон одговорил не.
– САД, Велика Британија и ЕУ имаат апсолутно заеднички став, а тоа е да обезбедат продолжување на рамнотежата на мировниот процес – рече тој, додавајќи дека е оптимист.
Претходно, Џонсон го пречека американскиот претседател Бајден во англиското приморско одморалиште Карбис Беј, пред утрешниот почеток на самитот на Г7.