Бројката на починати од коронавирусот во Кина се искачи на 80, а речиси 3.000 лица се заразени. Во обид да го запрат ширењето на болеста, кинеските власти ги продолжија новогодишните празници за три дена. Училиштата кои моментно се на распуст исто така ќе го продолжат одморот, а точниот датум кога ќе почнат со настава дополнително ќе го соопшти Министерството за образование.
Кинескиот премиер Ли Кечијанг го посети Вухан, главниот град на провинцијата Хубеи, каде што почна епидемијата. Бројот на мртви во провинцијата Хубеи се искачи од 56 на 76, а четворица други починаа на други места.
Околу 60 милиони луѓе се во делумен или целосен карантин, бидејќи кинеските власти во неколку градови забранија влез и излез од градот.Вухан е под карантин и неколку други градови ги ограничија патувањата. Вкупниот број на потврдени случаи на заболени од коронавирусот во Кина е 2.744, од кои 461 се во критична состојба. 51 лице се пуштени од болница и излечени, соопшти Националната здравствена комисија.
Вирусот продолжи да се шири во светот, каде што се регистрирани 50 заразени случаи, од кои петмина во САД. Засега нема смртни случаи надвор од Кина, а вирусот стигна и во Европа, во Франција, каде што се заразени три лица.