Автори: Рајан Браун и Мајкл Конте

Си-ен-ен

Новообјавените „извештаи за опасност“ кои содржат детали за средбите меѓу авиони на американската морнарица и „неидентификувани летачки објекти“ откриваат детали што се најдоа во центарот на вниманието кога Пентагон официјално потврди и објави видео-снимки на три настани од крајот на минатиот месец.

– Неидентификуваното летало можеби беше мало со големина речиси на еден куфер и во сребрена боја – се вели во еден извештај за инцидент од 26 март во 2014 година.

За време на таа средба еден од морнаричките борбени авиони „ф/а-18“ се разминал со леталото, но не можел да одреди за што станува збор, се додава во извештајот во кој пилотот од американската морнарица „се обидел да добие визуелен контакт со леталото, но на крајот не успеал“.

Си-ен-ен дојде до документите од морнаричкиот центар за безбедност, кои претходно беа само за „официјална употреба“. Тие уследија по официјалното соопштение на Пентагон од крајот на минатиот месец дека три кратки видео-снимки покажуваат „неидентификувани летачки објекти“ кои претходно ги обелодени една приватна компанија.

Извештаите прво беа објавени на „Драјв“, порталот за автомобилски новости и воена тематика, кој дојде до документите преку барањето според законот за слобода на информации. Видео-снимките покажуваат како НЛО брзо се движат и сето тоа е регистрирано со помош на инфрацрвени камери. На две од нив се забележува како морнаричките пилоти реагираат со неверување колку брзо се движат објектите, а еден од нив дури претпоставува дека се работи за дрон.

Летачките објекти можеби се дронови

Новообјавените извештаи ја потврдуваат оваа процена, па така повеќето од неидентификуваните летачки објекти ги опишуваат како „беспилотни летала“ (УАС), што е официјалниот назив за дроновите според Пентагон. Според друг извештај за инцидент од ноември 2013 година, пилотот на авионот „ф/а-18“ можел „визуелно да регистрира помало летало кое било оддалечено на метар и пол и било цело во бела боја“. Во извештајот се вели дека „поради малата големина, било заведено како беспилотно летало“.

Друг инцидент од 27 јуни во 2013 година сведочи за средба со „летало во бела боја и со големина и облик на дрон или ракета“, според наведеното во извештајот. Но извештаите посочуваат дека дури и НЛО да биле оценети како дронови, војската не би можела да идентификува кој управува со нив, што претставува голем предизвик за сигурноста и безбедноста на морнаричките авиони во областите ограничени за воздушни воени вежби во близина на брегот на Вирџинија.

Во извештајот од ноември се наведува дека „по завршување на летовите, контролната агенција контактирала неколку оператори на УАС, но никој од нив не бил запознаен дека биле спроведени операции со нив“. Еден од авторите на извештајот предупредува дека „било само прашање на време кога нивните авиони ќе судрат во воздух со едно од овие летала“. Во наведеното се додава дека „на многу начини дроновите претставуваат поголем воздушен ризик од стандарден авион, затоа што тие честопати се визуелно помалку значајни и понезабележливи на радарите“.

Исто така постојат шанси дроновите да бидат управувани од непријатели како Русија или Кина, кои можеби сакаат да приберат информации за американските воени операции. Морнарицата сега има формални насоки како нејзините пилоти можат да пријават кога сметаат дека забележале можни НЛО.

Видео-снимките од средбите прво беа објавени меѓу декември 2017 и март 2018 година од страна на компанијата „Академија на науките и уметностите до ѕвездите“, кооснована од музичарот Том де Лонг од групата „Блинк-182“, која проучува информации за НЛО.

Вистината е таму некаде

Пентагон претходно проучуваше снимки на воздушни средби со НЛО како дел од веќе непостоечката доверлива програма која беше воведена на барање на поранешниот сенатор на Невада, Хари Рид. Програмата беше воведена во 2007 и заврши во 2012 година, според официјален Пентагон, затоа што беше оценето дека има поголеми приоритети за финансирање.

Сепак, Луис Елизондо, поранешниот шеф на доверливата програма, изјави за Си-ен-ен во 2017 година дека тој лично верува дека „постојат значајни докази дека не сме сами во вселената“.

– Овие летала, како што ги нарекуваме, покажуваат карактеристики кои моментно не постојат кај ниеден американски и странски пронаоѓач за кого имаме информации – порача Елизондо за ваквите летала.

Тој додава дека се повлекол од американското министерство за одбрана во 2017 година во знак на протест против тајноста на програмата и внатрешниот отпор за нејзино финансирање. Претседателот Доналд Трамп неодамна изјави дека официјалната видео-снимка на Пентагон „е мајсторска“, а за „Ројтерс“ порача дека се „сомнева дали е вистинска“.

Превод: Билјана Здравковска