Се очекува болните од ХИВ во Велика Британија да бидат ослободени од психолошкиот товар од секојдневното земање лекарства, благодарение на новоодобрената вакцина против инфекцијата која ќе се прима на секои два месеца, пренесува „Гардијан“.
Британскиoт национален институт за здравство и квалитет на нега ги одобри антиретровирусните лекови „каботегравир“ и „рилпивирин“ за употреба во Англија, Велс и во Шкотска, откако испитувањата покажале дека тие даваат иста успешност како и секојдневните лекови против ХИВ.
Иако ХИВ вирусот, кој го напаѓа имунолошкиот систем, сè уште е неизлечив, истражувањето покажува дека пациентите кои го користеле новиот третман би можеле да достигнат точка каде што вирусните честички во нивната крв се толку ниски, што не може да се откријат или пренесат на други луѓе.
– Сè уште имаме многу работа, но ова откритие е доказ колку далеку стасавме од почетокот на епидемијата во 80-те години. Секојдневното пиење таблети за болните лица може да претставува физичко, емоционално и социјално оптоварување – изјави Гари Броу од организацијата „Позитивна Велика Британија“.
Третманот кој се прима шестпати годишно, ќе го олесни земањето лекови и ќе ја подобри емоционалната состојба на заболените од ХИВ кои се подискретни и не сакаат отворено да зборуваат за нивниот статус, сметаат британските експерти.