Русите може да имаат репутација на нација која конзумира многу алкохол, но извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) покажува дека потрошувачката на алкохол во оваа земја опаднала за повеќе од 40 проценти во споредба со 2000-та година.
        
Според СЗО, ваквиот тренд се темели на серија мерки воведени од претседателот Владимир Путин откако дојде на власт во 2000-та година, што вклучуваат ограничувања во продажба на алкохол и промовирање на здрав начин на живот.
        
– Руската Федерација веќе долго време се смета за земја со најтешки алкохоличари – се вели во извештајот, додавајќи дека алкохолот бил еден од клучните фактори за брз пораст на бројот на смртни случаи во 90-тите години.
        
Студијата откри дека падот од 43 отсто на потрошувачката на алкохол по глава на жител од 2003 до 2016 година е поттикнат од наглото намалување на потрошувачката на ефтини пијалоци. Авторите на извештајот наведуваат дека овој тренд е фактор за продолжување на животниот век, кој достигна историски врв во 2018 година со просечна старост од 78 години за жени и 68 години за мажи. Во бурните рани 1960-ти, животниот век на мажите беше само 57 години.
        
За време на владеењето на Путин, Русија воведе мерки, вклучувајќи забрана за продажба на алкохол по 23 часот, зголемување на минималната набавна цена за пијалоците и забрана за рекламирање, пренесува АФП.